• понеделник, 23 декември 2024

Чести самопрегледи и заштита од сонце, советуваат дерматолозите за заштита од меланом

Чести самопрегледи и заштита од сонце, советуваат дерматолозите за заштита од меланом

Скопје, 18 мај 2024 (МИА) - Чести самопрегледи и заштита од сонце, се клучните совети на кумановските дерматолози за превенција и заштита од малигни меланоми. Од Болницата во Куманово наредната недела организираат бесплатни прегледи за сите пациенти како еден од начините да се зајакне свеста за превенција од меланом. 

- Пациентите можат самите да се прегледаат, особено да посветат внимание на експонираните делови - лице, глава, ушни школки, раце, нозе, грб. Тоа е првиот чекор што го советуваме, кога ќе забележат промена која им е различна, нова да се јават кај првиот дерматовенеролог. Следува макроскопски преглед да се види промената. Со дермаскоп се гледа структурата на промената и врз основа на тоа се прави разлика дали е бенигно, малигно, што понатаму, вели примариус доктор Виолета Кузмановска, раководител на Одделението за дерматовенерологија во Општата болница во Куманово.

При проверка, пациентите треба да се запознати со системот за евалуација на промени на кожата, односно меѓународното правило (АБЦДЕ): A - асиметрија, Б - border/рабовите на самата промена ако се неправилни, Ц -  color, промена на бојата, Д - дијаметар, односно неправилности на формата и Е - evolution/ развој кој се однесува на одредени израстоци.

- Тоа се првите знаци што се гледаат со дермаскоп, со зумирање ни даваат насока како понатаму да постапуваме, појаснува доктор Кузмановска.

Посочува дека е важно да се користи заштита од сонце особено ако се оди покрај вода или природа со креми со заштитен фактор 50 кој треба правилно да се нанесува, особено на експонираните делови, неколку часа пред да се излезе на сонце и постапката да се повторува. Многу е важно да се заштити кожата со капи, очила за сонце затоа што, како што појаснува докторката, се јавува меланом и на окото. 

- Секоја година во мај е акција што се спроведува на ниво на Европа во кое се зачленети 11 земји меѓу нив и Македонија и Здружението на дерматовенеролози на Македонија. Врз основа на тие испитувања од сите земји збирно се прави програма за превенција за следната година за да се намали бројот не само на меланоми, туку генерално на сите кожни промени што се симптоматични за да не поминат во карцином на кожа. Драго ми е што со години и кумановската Болница е вклучена во таа организација. Идната недела, во понеделеник и вторник од 7 до 10 часот во амбулантата за дерматовенерологија при Општата болница може да се направат бесплатни превентивни прегледи за бемки, нагласува д-р Кузмановска.

Според неа, загрижувачки е што расте бројот на заболени лица од меланом на ниво на градот, а се намалува и возрасната граница.

- Факт е дека има пораст на карциноми не само на меланоми и дека се намалува возрасната граница, што загрижува, вели доктор Кузмановска.

Промените што можат да предизвикаат меланом, како што појаснува Кузмановска, најмногу се јавуваат поради генетика, потоа поради поголема изложеност на сонце особено кај некои професии и занимања како што се земјоделци, градежни работници, рибари..... Најчесто заболените се на возраст од 50 до 60 години, но од кумановската Болница велат дека проблем за младата популација е користењето на солариум.

- Младите не се штитат со заштитен фактор, дел од нив користат солариуми за кои ние, дерматолозите, велиме исклучиво не. Најголем проблем е што пациентите доаѓаат доцна, никогаш на време. Мислат дека промената сама од себе ќе помине и постојано укажувам дека ако една раничка за месец дена не заздрави, значи дека не е раничка, мора да се оди понатаму, да се извршат испитувања. Ако навреме се препознаат, нема простор за грижа, нагласува доктор Кузмановска.

По првичното мислење на дерматолозите, се чека на второ мислење од Клиника. Тогаш се решава дали меланомот ќе се отстранува хируршки или ќе се применат други средства како маст, спреј, криотерапија....

Кузмановска вели дека од меланом поеднакво страдаат и мажите и жените, а во однос на исхраната, препорачува сезонска храна богата со овошје и зеленчук.

- Мит е дека тенот има влијание за појава на меланом. Луѓето со посветол тен побурно реагираат на сонце,  но нема разлика во однос на меланомот. Важно е сите да користат заштитен фактор, порачува доктор Кузмановска.

Во претстојниот период, пролетните и летните месеци добро е да се заштити телото со лесна и светла облека особено при експонирање на сончевата светлина покрај вода. 

Александра Максимовска

Фото: МИА
 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан