• понеделник, 23 декември 2024

За оштетените штедачи авансниот план за распределба на средства од стечајната маса на Еуростандард банка е реален, правичен, праведен и законит

За оштетените штедачи авансниот план за распределба на средства од стечајната маса на Еуростандард банка е реален, правичен, праведен и законит
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) – Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка смета дека во целост е правичен авансниот план за распределба на досега стекнатите средства од стечајната маса на Еуростандард банка што е веќе изготвен и одобрен од страна на Одборот на доверители на банката и доставен до Судот и дека со него се затвора проблемот на оштетените депоненти и се враќа сигурноста во банкарскиот систем. Со планот за авансна распределба предвидено е најпрво да се обесштетат во целост оштетените доверители – физички и правни лица штедачи и депоненти во банката, а потоа обесштетување да наплати Фондот за осигурување на депозити. За тоа Фондот поднел жалба, а Македонската банкарска асоцијација (МБА) вчера преку соопштение наведе дека ваквиот начин на распределба на средствата од стечајната маса може да предизвика ненадоместлива штета на Фондот и на банките и штедилниците кои го финансираат. -Се надеваме дека ставот на МБА дека во стечајната постапка за Еуростандард банка постоела можност да се нанесе ненадоместлива штета директно на Фондот за осигурување на депозити и со тоа индиректно на банките и штедилниците кои го финансираат овој фонд нема да најде на поддршка и дека како неоснован ќе биде одбиен приговорот на Фондот за осигурување на депозити, рече Љупчо Кузмановски, правниот застапник на Здружението на оштетени физички и правни лица, штедачи на Еуростандард банка на денешната прес-конференција пред Судот. Од стечајната маса на Еуростандард банка, како што рече Кузмановски, има доволно средства да се обесштетат сите оштетени доверители – штедачи депоненти физички и правни лица и плус да останат солидни средства за да наплати Фондот за осигурување на депозити. Според него се уште се необесштетени околу 3.000 оштетени штедачи и доверители од кои околу 700 се физички лица, а над 2.000 правни лица. -Членовите на Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка и оштетените депоненти, физички и правни лица се тие што најмногу сакаат да се примени Законот за стечај во стечајната постапка за Еуростандард банка. Но, ние инсистираме на неселективна примена на Законот и да важи подеднакво за сите, без разлика дали е во прашање Фондот за осигурување депозити, банка или последниот оштетен штедач од ова здружение, рече Кузмановски. Нагласи дека доколку на тој начин се применеше Законот тогаш Фондот за осигурување депозити немаше да биде доверител во стечајната постапка, особено по укинувањето на член 163, став 3 од Законот за банки од страна на Уставниот суд. -Ниту во Законот за Фондот за осигурување на депозити, ниту во кој било друг закон не постои одредба која му дава право на Фондот за осигурување на депозити да биде доверител во стечајна постапка за банка. Неговата обврска за исплата на депонентите физички лица до 30.000 евра е утврдена со закон, соодветно на што, и неговото право на регрес (враќање) на исплатените средства во стечајната постапка треба да биде утврдено со закон. Но, таков закон не постои, поточно, нема материјална одредба во ниту еден закон според која Фондот за осигурување на депозити, врз основа на своето регресно право, може да биде доверител во стечајната постапка за банка. Затоа, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје мораа, преку правна еквилибристика, и врз основа на непостоечка посебна (sui generis) законска суброгација, каде правен основ е подзаконски акт (Статутот на Фондот за осигурување на депозити), да утврдат дека Фондот останува доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка. Во таквата реалност на нашата правна држава, Фондот за осигурување на депозити остана доверител во стечајната постапка на Еуростандард банка без да биде наведено од страна на Основниот граѓански суд Скопје и од Апелациониот суд Скопје во кој закон е предвидена посебна (sui generis) законска суброгација, појасни Кузмановски. Поради што, нагласи,како Здружение очекуваме произнесување од Судскиот совет по барањето за утврдување на одговорност поради несовесно и нестручно постапување на судиите кои одлучувале по овој предмет. - Бидејќи Фондот, според законот, и според дејноста регистирана во Централниот регистар, е изедначен со осигурителните друштва и за него треба да важат истите правила при случување на ризичен настан како и за осигурителните друштва. Токму таков ризичен настан е стечајот на Еуростандард банка и правилата за суброгација што важат за осигурителните друштва, во стечајната постапка за Еуростандард банка, треба да важат и за Фондот за осигурување на депозити, истакна Кузмановски. Стечајната постапка за Еуростандард банка е дојдена во фаза на усвојување на план за авансна распределба на досега стекнатите средства од стечајната маса. Авансниот план е веќе изготвен и одобрен од страна на Одборот на доверители на банката и доставен до Судот. Треба да биде усвоен од стечајниот судија за да може да се постапува по него. Со планот за авансна распределба предвидено е најпрво да се обесштетат во целост оштетените доверители – физички и правни лица штедачи и депоненти во банката, а потоа обесштетување да наплати Фондот за осигурување на депозити. Според, Кузмановски тоа значи дека депонентите целосно би ги добиле своите средства од стечајната маса на банката, додека за Фондот ќе остане обесштетување во делумен износ со што во понатамошниот тек на постапката ќе остане единствен доверител и целосно ќе располага со понатамошниот имот што ќе остане за впаричување во стечајната маса на банката. -Ние го поддржавме ваквиот план бидејќи сметаме дека е многу реален и многу правичен, праведен и законит и дека на тој начин сите оштетени ќе бидат задоволни. Меѓутоа,  Фондот за осигурување депозити поднел приговор и очекуваме решенија по повод приговорот од Основниот граѓански суд – Скопје, потенцира Кузмановски. вј/ац/      

Остани поврзан