• вторник, 26 ноември 2024

За десет месеци преку ГП „Џепиште-Требиште“ минале 38.088 патници

За десет месеци преку ГП „Џепиште-Требиште“ минале 38.088 патници

Дебар, 21 ноември 2024 (МИА) - На граничниот премин „Џепиште-Требиште“, на македонско - албанската граница кај Дебар, според статистиката на македонското Министерство за внатрешни работи, во периодот јануари-октомври, на влез и излез се регистрирани вкупно 38.088 патници.

-Гледано одделно, македонски граѓани се вкупно 2.197 патници, при што на влез се 1.084 додека на излез 1.113 патници. Преку овој премин минале 35.891 странски државјани, од нив на влез 18.122 на излез 17.769. Споредено со истиот период минатата година, вкупната бројка бележи намалување за 1.800 патници, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи.

Граничниот премин кај Џепиште, кој е на 15-тина километри од Дебар, на патниот правец Дебар-Струга, е од локален карактер. Во летниот период, односно од 1 април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот. Право да го користат имаат само жителите од граничниот регион, што подразбира општина Дебар и областа Голо Брдо на албанска страна.

Жителите, Македонци од областа Голо Брдо, поради фактот дека Дебар им е многу поблиску од албанските градови, а и подобрата патна и инфраструктура, доаѓаат во Дебар на пазарење, за одредена здравствена услуга, но пласираат и домашни производи на дебарскиот пазар, посебно во саботните денови, кога е пазарен ден. Исто така многу поблиску им е и патувањето кон други градови во државава.

На оддалеченост од четири километри од Дебар се наоѓа и граничниот премин „Блато“ каде што за десет месеци е регистрирана рекордна фреквенција на патници, од над 661 илјади, што е најголема бројка од неговото отворање во 1992 година. вт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан