• петок, 27 декември 2024

Зајков за МИА: Штипското комунално претпријатие „Исар“ има вкупен долг од 223 милиони денари

Зајков за МИА: Штипското комунално претпријатие „Исар“ има вкупен долг од 223 милиони денари

Штип, 26 ноември 2023 (МИА) - Штипското комунално претпријатие „Исар“ е најголемо во источниот регион, но истовремено е и најголемиот загубар. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков во видео интервју во прес-центарот на  МИА во Штип открива дека вкупниот долг на ова претпријатие изнесува 223 милиони денари или 3.596.774 евра.

-Во моментов Јавното претпријатие должи 78 милиони денари на добавувачи, по основ на стоки и услуги, како и 145 милиони денари по основ на камата, кон Министерството за финансии. Напоменувам овие 145 милиони денари, кои Јавното претпријатие ги има како обврска или како долг се на основ на камата за кредит, кој веќе е исплатен и тоа нешто нас, како Јавно претпријатие месечно не чини повеќе од 3,5 милиони денари, вели Зајков.

Во изминатите месеци се реализирале пет мерки за финансиски спас на комуналното претпријатие „Исар“, кое опслужува над 50.000 жители, студенти, но и илјадници граѓани кои од соседните општини секојдневно доаѓаат на работа во ТИР зоната или во домашните индустриски зони. Зајков во интервјуто за МИА најави дека следи анализа и за нова систематизација на работните места во ова претпријатие, кое е пренатрупано со вработени, а вработувани по партиски клуч низ три децении.

 -Ние како Јавно претпријатие и како менаџмент го истакнавме сето тоа, а тоа е мерка која следи во периодот пред нас. Зошто? Бидејќи за да дојде до намалување на бројот на вработените, на луѓе, кои претходно биле згрижувани по партиски клуч, какошто вие тоа убаво го потенциравте, ние имаме една правна несигурност, бидејќи станува збор за вработени кои се на неопределено работно време и каде постои правна несигурност на Јавното претпријатие, бидејќи врз база на избрзана одлука за прекинување на работен однос на вакви работни места би го чинеле Јавното претпријатие во иднина дополнителни финансии, вели Зајков.

Тој во видео интервјуто говори и за проблемот со текстилниот отпад, како и кои се приоритетите за 2024 година.

Во продолжение го пренесува во целост интервјуто со директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајковсо со видео материјал:

null

Не е лесна функцијата да се менаџира со ова комунално претпријатие, кое со децении буквално е затрапуно со долгови. Во моментов колкав е долгот на штипското комунално претпријатие?

-Токму така, какошто кажавте работата не е лесна, меѓутоа предизвикот е голем. Зошто? Бидејќи во моментов Јавното претпријатие должи 78 милиони денари на добавувачи, по основ на стоки и услуги, како и 145 милиони денари по основ на камата, кон Министерството за финансии. Напоменувам овие 145 милиони денари, кои Јавното претпријатие ги има како обврска или како долг се на основ на камата за кредит, кој веќе е исплатен и тоа нешто нас, како Јавно претпријатие месечно не чини повеќе од 3,5 милиони денари и благодарение на општината и на нивната заложба, ние успеваме овој долг месечно да го сервисираме, односно да ги исплаќаме овие побарувања, кои Министерството за финансии, повторувам и треба секогаш да биде јасно дека е на основ на камати. Ние 3,5 милиони денари треба секој месец да обезбедиме за да сервисираме долг само на основ на камати.

На оваа позиција директор сте неколку месеци. Според вас колку е намален долгот. Дали имате некоја проекција?

-Во моментот кога јас дојдов за директор Јавното претпријатие должеше 118 милиони денари по основ на добавувачи на стоки и услуги и 177 милиони денари по основ на каматата за долгот кон министерството за финансии. Благодарение на нашиот ангажман, на сите вработени во Јавното претпријатие, како и на локалната самоуправа ние успеваме во периодот, кој беше пред нас и кој следува да ги сервисираме обврските кон добавувачите, да го сервисираме долгот кон Министерството за финансии, да исплаќаме редовно плата на вработените, да ги сервисираме нашите услуги кои ги должиме кон граѓаните и се надевам дека во иднина ќе успеваме да го изменаџираме овој период, кој е турболентен за Јавното претпријатие, кој е финансиски голем предизвик. Дополнително на сето ова во периодот, кој беше зад нас и периодот кој следи, а следуваат зголемување на платите на вработените во Јавното претпријатие, кое беше земено како обврска, ние како Јавно претпријатие успеавме да го извршиме, односно веќе исплаќаме зголемени плати за 10 отсто на вработените, од буџетот кој ни стои на располагање.

null

Имавте пет мерки за спас на комуналното претпријатие „Исар“, кои од тие мерки се реализираа, имавме намалување на бројот на вработени, потоа да нема прекувремена работа за сите вработени само во одредени работни единици. Што од ова профункционира?

-Токму така тргнувајќи од фактот дека самото Јавно претпријатие беше финансиски и сериозен предизвик за финансиско функционирање, ние како менаџерски тим и во соработка со локалната самоуправа и со Советот на Општина Штип донесовме пакет мерки со кои на среден рок обезбедивме финансиска стабилност како напоменавте, тоа беше забрана за исплата на прекувремени часови, освен за организационата единица Водовод. Оваа организациона единица ја исклучивме од оваа забрана за исплата на прекувремени часови, бидејќи таму реално работните задачи не можат однапред да се планираат, односно не можеме да го предвидеме моментот, кога ќе настане дефектот. Така да имаме потреба од ангажирање на работен потенцијал и по завршување на работното време на работниците. Затоа ја исклучивме оваа организациона единица, за сите други направивме реорганизација на работниот процес и донесовме одлука за забрана за исплата на прекувремени часови. Тоа е една од мерките, што ги донесовме и која беше усвоена од страна на Советот на Општина Штип. Дополнително донесовме мерка за доставување барање до Министерството за финансии за разгледување на можностите за укинување или преструктуирање на обврската за исплата на каматата. Меѓутоа, за жал ние ова го завршивме како обврска, но Министерството за финансии даде негативно мислење, дури не се потруди и да не повика за дополнително да го образложиме, не се обиде ни да најде начин да не сослуша, за да понудиме соодветни решенија, да понудиме некои наши предлози. Едноставно не упатија само на тоа дека тоа е законска обврска и ние имаме обврска да го исплаќаме овој долг. Повторно напоменувам долг на име на камати и нешто што нас не чини 3,5 милиони денари, секој месец. Дополнително како пакет на мерка ја донесовме и мерката за намалување на бројот на вработени во периодот од шест месеци за 30 вработени. Во овој момент, ние го имаме намалено бројот на вработени во Јавното претпријатие за 27 вработени, до крајот на истекот на мерката, ние ова ќе го задоволиме како мерка, која заедно со Советот на Општина Штип сме ја донеле. Тоа е непопуларна мерка.

null

Дали станува збор за вработени на определено или  неопределено работно време?

-Во овие 27 вработени спаѓаат луѓе кои се на неопределно работно време, на кои им понудивме спогодбено заминување како технолошки вишок, имаме луѓе кои беа вработени на определено работно време и по истекот на договорот за периодот за кој бил склучен договорот за определеното работно време ги разгледуваме сите тие договори и онаму каде што сметавме за дополнителна реорганизација, поставеност на самото Јавното претпријатие нема да имаме потреба од ангажирање на вакви луѓе. Тие се тие 27 и секако и дел од вработени кои по основ на пензионирање, заминаа од редовите на Јавното претпријатие „Исар“.

Господине Зајков, меѓутоа во оваа комунално претпријатие „Исар“ се трупаа партиски членови, сите политички партии, имаме заслужни партиски членови кои ги вработуваат во оваа комунално претпријатие. Знаеме дека на еден вработен на него има „шеф на шефот“. Ќе се дрзнете ли конечно да ја направите новата систематизација?

-Токму така, убаво го позициониравте проблемот. Ние како Јавно претпријатие и како менаџмент го истакнавме сето тоа, а тоа е мерка која следи во периодот пред нас. Зошто? Бидејќи за да дојде до намалување на бројот на вработените, на луѓе, кои претходно биле згрижувани по партиски клуч, како што вие тоа убаво го потенциравте, ние имаме една правна несигурност, бидејќи станува збор за вработени кои се на неопределено работно време и каде постои правна несигурност на Јавното претпријатие, бидејќи врз база на избрзана одлука за прекинување на работен однос на вакви работни места би го чинеле Јавното претпријатие во иднина дополнителни финансии. Затоа ние отпочнавме процес на функционална анализа, која ќе даде одговор на кои работни позиции се реална потреба на Јавното претпријатие и кои работни позиции не се реална потреба на Јавното претпријатие. По завршувањето на оваа функционална анализа, ние ќе изготвиме нова и модерна систематизација, која точно ќе ги систематизира реалните потреби за работници во јавното претпријатие, со прецизно, дефинирани работни задачи, кои треба да дадат одговор на едно модерно и функционално Јавно претпријатие, кое ќе биде успешен сервис на барањата на граѓаните во Општина Штип. Напоменувам тоа е процес, кој ќе следи во периодот пред нас. Тоа е сериозен предизвик, затоа и ние побаравме целата јавност да даде поддршка на овој процес, бидејќи сите кои ја сочинуваат јавноста и сите политички партии треба да дадат поддршка на ова. Доколку не го направиме ова Јавното претпријатие и понатаму би продолжило да тоне во финансиска нестабилност.

null

Штип нема проблем со количината на вода, меѓутоа има проблем со притисокот на вода во високите зони и постојано имаме дефекти. Кога ќе се реши овој проблем?

-Штип нема проблем со вода, со потпишувањето со договорот за водоснабдување од Хидросистемот (ХС) „Злетовица“. Штип има доволна количина на вода, останува само повеќедеценискиот проблем на високите зони. Меѓутоа онаа што ние како Јавно претпријатие во соработка со локалната самоуправа го најавуваме за наредната година е изработка на резервоар на високите зони или во населба Пребег, кој би го решил овој проблем. Дополнително и со резрвоар за населбата Плуждино, кој ќе го реши снабдувањето на вода на новата индустриска зона, која би се градела таму и секако резервоар во населбата Мери, кој ќе го стабилизира водоснабдувањето на тој дел од градот. Тоа се проекти, кои се со сериозна финансиска конструкција и ние како Јавно претпријатие во овој дел работиме со Општина Штип. Таму инвеститор ќе биде Општина Штип во заедничка соработка се надеваме дека веќе од идната година ќе почне да се реализираат.

Меѓутоа веќе 20 години говориме за Водоводна линија два, до каде е реализацијата на проектот?

-Линија два во моментов се прави, тоа е проект кој го реализира Министерството за транспорт и врски и ние како граѓани секојдневно гледаме дека има одредени активности. Дали динамиката е соодветна на тоа што било предвидено, не би сакал јас да коментирам, бидејќи тоа е нешто што го прави Министерството за транспорт и врски. Надзорот е нивен и не би сакал да се впуштам во нешто, кое не е во делокругот на работењето на ЈП „Исар“.

Господине Зајков дали сте задоволни од хигиената во градот?

-Да бидам искрен не доволна, секогаш има простор за подобрување, еве ќе бидам критичен и ќе кажам дека ние како Јавно претпријатие работиме и треба да работиме и ќе работиме на подобрување на хигиената. Меѓутоа напоменувам и постојано преку нашите активности на Јавното претпријатие и преку медиумите дека хигиената во градот е обврска на Јавното претпријатие, меѓутоа и обврска и на сите нас кои живееме во Општина Штип. Затоа ние секогаш кога спроведуваме активности за чистење на одреди реони, апелираме и ги замолуваме граѓаните да се однесуваат кон околината во која живеат на културен и завиден начин, односно доколку го фрламе нашето ѓубре на соодветните локации, во кантите и контејнерите за отпад, ние како Јавно претпријатие ќе можеме да понудиме уште подобра услуга. Меѓутоа ако треба да ги користеме нашите ресурси за да ги чистеме дивите депонии, кои настануваат со фрлање на несоодветно место од страна на нашите граѓани, ние овој хаос и можеби во иднина и не би можеле да го сервисираме на начин на кој заслужува еден град, како што е Штип, а тоа е Штип да биде едно убаво место за живеење на сите нас, да бидеме чисто место, каде што сите ќе уживаме во функционирањето.

null

Штипјани имаат еден сосема друг проблем, а тоа е депонирањето на текстилниот отпад, кој што го гледаме во нашите контејнери, а не во контејнерите на текстилните конфекции. Зошто не се поставија нови контејнери, а знаеме дека Законот треба да се имплементира од 1 јануари оваа година?

-За овој проблем ние како Јавно претпријатие веќе имаме преземено конкретни активности, мерки. Во повеќе наврати извршивме инспекциски надзор и во соработка со локалната самоуправа и со комуналните инспектори и ние како Јавно претпријатие отворивме панел дискусија, разговаравме со бизнис заедницата и укажавме на постоечките законски обврски кои индустријата ги има и треба да ги презема во насока на менаџирање и управување со овој индустриски отпад. Да потенцирам дека обврска на создавател на отпад е да овозможи соодветен начин на менаџирање и управување со овој вид отпад или отпадот од текстилната или која било индустрија да не завршува во комуналните контејнери и дополнително да ни прави проблем нам како комунално претпријатие и на сите кои живееме во Општина Штип. Морам да ги пофалам и сите учесници во бизнис заедницата од текстилната индустрија дека наоѓаме разбирање и заеднички влегуваме во овој проблем и се надевам најдоцна во февруари наредната година ние ќе можеме да понудиме комплетно решение на овој проблем, односно затвoрање на процесот на менаџирање на отпад од индустријата.

Кон крајот на годината сме, дали ќе знаете колку ќе изнесува буџетот, односно Програмата на комуналното претпријатие „Исар“ за реализација на капитални проекти?

-Не би се врзувал за финансиски конструкции, но би се врзувал за Програма и за амбициозноста што ние како Јавно претпријатие во моментов го изготвуваме како програми по кои ќе работиме и тоа во три сегменти: комунална хигиена, зеленилото и водоводот. Секако овде ќе бидат реконструкции на поголем дел од главните водоводни линии или онаму каде што ние во претходните години сме евидентирале голем број дефекти и тоа е нешто ние го ставаме во нашата Програма за 2024 година. Најавуваме амбициозна Програма во делот на зеленилото, значи обновување и уредување на нови зелени површини, на булеварите во Општина Штип, парковите. Дополнително најавуваме амбициозна Програма за одржување на веќе постоечките зелени површини, која е сериозен предизвик и она што ние како Јавно претпријатие во соработка со Општина Штип го поставуваме како таргет во 2024, а тоа е Штип да биде зелен град. Штип да биде град со одржливи зелени површини. Штип да биде чист град и во делот на комуналната хигиена најавуваме соработка  со образовните институции, училиштата, а во една од населбите и пилот проект за примарна селекција на отпадот, а паралелно ќе одиме со кампања за подигање на свеста кај населението, бидејќи примарната селекција е законска обврска, но е и нужност. Менаџирањето со отпадот, како и неговото создавање од страна на секој граѓанин е наша зедничка обврска. Доколку ние извршиме и се научиме да ја вршиме примарната селекција, тоа ќе значи помали сметки за смет и ќе значи почиста средина и ќе значи почист град.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: МИА

Видео и монажа: Аслан Вишко и Владимир Рабосовиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан