Зајкова: Осми март е симбол на борбата за праведност, еднаквост и безбедност на секоја жена
- „Меѓународниот ден на жената е повеќе од подарување на цвеќе или еден ден на внимание. Осми март е симбол на борбата за праведност, еднаквост и безбедност на секоја жена. Не може да говориме за еднаквост и права сѐ додека меѓу нас има такви кои се секојдневно обесправени, малтретирани, па дури и жртви на фемицид“, изјави претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското собрание, Моника Зајкова, по повод денешниот празник.

8 март 2025
„Меѓународниот ден на жената е повеќе од подарување на цвеќе или еден ден на внимание. Осми март е симбол на борбата за праведност, еднаквост и безбедност на секоја жена. Не може да говориме за еднаквост и права сѐ додека меѓу нас има такви кои се секојдневно обесправени, малтретирани, па дури и жртви на фемицид“, изјави претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското собрание, Моника Зајкова, по повод денешниот празник.
Токму затоа овој ден, додава Зајкова, е добра прилика да потсетат на иницијативата на Либерално-демократската партија за воведување на електронска нараквица за сторителите на семејно насилство.
„Секојдневно сведочиме на зачестени и често брутални случаи на семејно насилство кои се случуваат во нашето општество. За таа цел, Форумот на жени на ЛДП изработи предлог-измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, со кој ќе се доуреди привремената мерка ‘Забрана за приближување на сторителите до жртвите’. Промената на законот доаѓа од потребата за подобрување на механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, имајќи ја предвид сериозноста на последиците кои може да ги има насилството врз жртвата“, додава Зајкова.
Покрај забраната за приближување, со измените се бара сторителот да има и електронска нараквица која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до одредено место, односно на оддалеченост помала од 100 метри. Во ЛДП се убедени дека со воведувањето на оваа мерка ќе се зголеми заштитата на жртвите и ќе се намали можноста за нивно повторно изложување на насилство.
„Да не дозволиме борбата за поголеми права, заштита и безбедност за жените – жртви на семејно насилство да биде само на празници, туку таа да ја водиме на сите останати денови и на секој можен начин“, посочува Зајкова и упати апел до сите засегнати страни да најдат начин и да ја воведат електронската нараквица.
Со електронската нараквица се решава голем проблем и конечно се воведува конкретно системско решение кое ќе се однесува на сите прекршители на законот и кое навистина ќе ги заштити жртвите.
„Доста ни е од цвеќиња и внимание само на еден ден, нека овој Осми март биде повод за поголема безбедност, заштита и автономија на секоја жена. Нека ни е честит!“, завршува Зајкова.
ЛДП
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.