Заштитните маски не се ризични за децата, станува збор за сосем безбедна препорака, смета Филипче
- Министерот за здравство Венко Филипче смета дека носењето маски по осум часа на училиште не претставува никаков ризик за децата, и оти тоа е единствениот начин да се спречи трансмисијата на в
Скопје, 1 октомври 2020 (МИА) - Министерот за здравство Венко Филипче смета дека носењето маски по осум часа на училиште не претставува никаков ризик за децата, и оти тоа е единствениот начин да се спречи трансмисијата на вирусот.
- Нема контраиндикација за носење маски кај таа категорија деца на таа возраст. Не може да очекуваме никакви компликации, никакво пореметување на нивниот развој, станува збор за сосем безбедна препорака, родителите апсолутно не треба да стравуваат, нагласи Филипче во дневникот на Сител.
Според Филипче, превентивните мерки се димензионирани да го штитат максимално здравјето на децата.
- Сега училиштата се физички празни, но тоа беше целта, да има што помалку деца во училиштата во затворена просторија затоа што тоа е сериозен ризик, рече Филипче.
Тој посочи дека доколку епидемиолошката состојба остане стабилна, во ноември ќе дозволат уште некои одделенија да бидат со физичко присуство во училиштата.
- Сега на почетокот на октомври важно е да има што помал број деца во затворена просторија, а доколку остане епидемиолошката ситација стабилна, тогаш во месец ноември ќе дозволиме уште некои одделенија да бидат со физичко присуство. Наша тенденција е да дозволиме сите да бидат во училиштата, но видовме што се случи во земјите кои нагло ги отворија училиштата и сите одделенија беа со физичко присуство во училиштата. Германија ги затвори делумно или целосно. Израел стигна до таму да направи целосен карантин во движењето, рече Филипче. мс/са/