• понеделник, 23 декември 2024

Захарова: Москва побара од Белград официјален став за продажбата на српско оружје на Украина

Захарова: Москва побара од Белград официјален став за продажбата на српско оружје на Украина

Москва, 2 март 2023 (МИА) -  Москва побара од Белград официјален став за информацијата дека српско оружје и е доставено на Украина, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова.

- Веќе побаравме од Белград да се изјасни. Ваквите изјави не треба да се даваат преку медиумите, ниту преку каналот Телеграм, ниту преку протекување информации, туку преку официјално објавениот став на српската страна, рече Захарова, пренесува ТАСС.

Таа додаде дека мора да се откријат фактите и врз основа на тоа да се извлечат соодветни заклучоци, бидејќи тоа е „исклучително важна тема за билатералните односи“.

Захарова претходно денеска изјави дека Москва е длабоко загрижена поради наводите за вмешаност на Србија во продажба на оружје на Украина.

- Внимателно ја следиме оваа приказна, обрнавме внимание на неодамнешната дискусија на оваа тема во српскиот парламент. Информациите што кружат, се разбира, предизвикуваат нашата најдлабока загриженост, изјави таа во коментарот објавен на веб-страницата на Министерството.

Претходно во руските медиуми и на каналите на Телеграм се појавија тврдења дека Србија тајно испорачала 3.500 ракети за ракетните системи „Град“ во Украина преку Турција и Словачка.

Рускиот портал „mash.ru“ неодамна објави дека во Украина се испорачани 3.500 ракети М21 од 122 мм од српската компанија Крушик. Порталот објави дека ракетите биле нарачани од Крушик од канадската компанија „ЈНЈ експорт импорт“, а сандуците со оружје биле пренесени од Србија во Турција, каде транзитот го вршела турска компанија преку која товарот отишол во Словачка, а потоа во Украина. 

Компанијата Крушик неделава објави дека на ниту еден начин не е поврзана со продажба на проектили на краен корисник од Украина, јави Бета.

Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ во понеделникот негираше дека Србија извезува оружје во Украина.

- Дали приватните компании купуваат на трети пазари и продаваат на компании во други земји не е прашање за Србија, тоа е меѓународна трговија. За нас тоа може да биде интересно разузнавачки, во смисла на информации, а не законски обврски или регулативи, рече Вучевиќ во српското Собрание, одговарајќи на прашањето на опозициски пратеник за тој случај. ссм/

Остани поврзан