• сабота, 23 ноември 2024

Зафировска за МИА: На македонската модна сцена и недостигаат строги критериуми и иновативност

Зафировска за МИА: На македонската модна сцена и недостигаат строги критериуми и иновативност

Скопје, 17 март 2024 (МИА) – Негувањето на одржлива и етичка мода преку поддршка на локалните занаетчии и рециклирање за мене е совршенство при дизајнирањето. Се стремам да изработувам парчиња со 0 проценти отпад. На македонската модна сцена ѝ недостигаат строги критериуми и иновативност, но сметам дека интересот, желбата и упорноста на младите дизејнери за истражувања и иновации можат да направат пресврт во општествениот живот, вели во интервју за МИА дизајнерката Евгенија Зафировска.

Евгенија Зафировска е дизајнерка чии колекции се фокусирани на глобални и одржливи трендови, со тенденција да се задржи на единствен, автентичен и персонализиран модел. Како дизајнер работи на брендот под нејзиното име (Евгенија Зафировска), кој е препознатлив по дрвените налани, но изработува и чанти, маски, турбани. Фокусирана е на минималистички парчиња и рачна изработка.

-EZ е насочен кон креација на дизајн кој е безвременски, континуиран и носи порака. Практичен, но сепак современ, што го рефлектира нашето време. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0 проценти отпад на различни начини. Дизајн врз основа на овие принципи значи почитување на клиентите на нов начин, вели Зафировска за МИА.

Зафировска своите студии ги има завршено на Факултетот за дизајн во Љубљана и токму во овој град живее и твори веќе 13 години. Таа тврди дека во Словенија свеста на луѓето кон екологијата е на многу високо ниво, па така и односот кон еко-модата. Воспоставена е здрава еко-освестена и одговорна модна сцена.

Правејќи паралела меѓу условите за работа во нашата држава и Словенија, Зафировска во интервјуто за МИА е децидна дека на македонската модна сцена ѝ недостигаат строги критериуми и иновативност.

Нејзината цел е, како што вели, да постигне промени во светот на креативен и иновативен начин. 

На прашање кој совет им дава на младите кои имаат амбиции да се занимаваат со модната индустрија, Зафировска одговори дека најважно е постојано да изнаоѓаат нови материјали кои би се рециклирале, но и да смислуваат како да не и наштетат на околината додека изработуваат.

-Најдете нови материјали што би се рециклирале. Смислете како да не и штетите на околината додека изработувате нешто, научете ги традиционалните занаети (полека но сигурно веќе не се пренесуваат од колено на колено). Модата е втор најголем загадувач во светот. Но, бидејќи не можеме да ги видиме штетните гасови што излегуваат од нашата облека, се успева да се избегне критиката, појаснува Зафировска за МИА.

Во моментов, Зафировска работи на изработка на нова колекција која е инспириана од архитектурата на островот Брач - Сутиван, која ја нагласува одржливоста, занаетчиството и естетиката.

Веќе неколку години сте на релација Словенија - Македонија. Колку години се надградувате и творите во Љубљана и како тоа влијаеше на вашиот креативен развој? 

Имав сериозно и темелно образование и пракса. Многу труд и посветеност вложив во сите мои проекти. Во текот на моите студии имав можност да фантазирам и да се изразам на различни начини. Искуство да се запознаам себеси и да ја пронајдам црвената нишка во моите дизајни.

По завршувањето на додипломските студии, магистрирав и како дизајнер работам на брендот под моето име (Евгенија Зафировска). Во Љубљана живеам и творам веќе 13 години.

Се е во страста. Со голема љубов, целосно се вложувам во работата, бидејки тоа ме исполнува и мотивира за нови идеи. Минималистички парчиња и рачна изработка се препознатливи во мојот бренд. Денешниот современ потрошувач сака брендовите што ги купува да имаат позитивно влијание врз светот. Со таа цел на потрошувачот му се нуди екслузивност со тоа што секое парче е уникатно и квалитетно. Преку едиторијалите е прикажана инспирацијата и техниката на изработка на секоја колекција.Со транспарентноста при создавањето, можам да им укажам на луѓето околу мене подобро да ја разберат реалноста во која живееме, и надминување на погрешните сфаќања. Забележав почеток на успех - луѓето почнаа да бараат начини да се разликуваат од општата маса и трендовите.

Освежувачки е да се види! 

Може ли да ми кажете нешто повеќе околу начинот на студирање во Словенија и која е најголемата разлика во однос на условите таму и нашата држава? 

Живееме во време на интернет и мислам дека не треба да си поставуваме граници. Треба да ги следиме трендовите од поразвиените држави. На македонската модна сцена ѝ недостигаат строги критериуми и иновативност.

Во Словенија свеста на луѓето кон екологијата е на многу високо ниво, па така и односот кон еко- модата. Воспоставена е здрава еко-освестена и одговорна модна сцена. Од различни дефиниции можеме да сумираме дека производството на еко-модата наоѓа свое место во здравата животна средина, здравјето на потрошувачите и поволните работни услови за вработените во модната индустрија. Би сакала преку различни работилници и проекти да пренесам голем дел од искуствата. Имам за цел да постигнам промени во светот на креативен и иновативен начин. 

Каков вид на модни додатоци се дел од твоето креирање? 

Во секоја колекција изработувам различни модни додатоци кои секогаш се од рециклиран материјал. Препознатливи се дрвените налани кои ја дополнуваат инспирацијата и визијата на брендот. Дополнително, во зависност од колекцијата, изработувам чанти, маски, турбани… 

На што работите во моментов? 

Kолекција инспирирана од архитектурата на островот Брач - Сутиван, која ја нагласува одржливоста, занаетчиството и естетиката. Главната поента во колекциите кои ги создавам е да се реинтерпретира концептот на традицијата и рачната изработка на нов, иновативен начин.
Колекциите се фокусирани на глобални и одржливи трендови, со тенденција да се задржам за единствен, автентичен и персонализиран модел.
Филозофијата на брендот EZ е понуда на дизајн кој е безвременски, континуиран и носи порака. Практичен, но сепак современ, што го рефлектира нашето време.
Негувањето на одржлива и етичка мода преку поддршка за локалните занаетчии, квалитет пред квантитет, дизајнирањето на принципот „нула отпад” и рециклирањето, за мене е совршенство при дизајнирањето. Двата концепта се преклопуваат во идеологијата, но секој од нив има малку поинаква грижа, и двата подеднакво критични за иднината на модата.

Неодамна присуствувавте на изложбениот салон „Лаб дизајн маркет“ во Лабораториум, каде што се изложени рачно изработени еколошки и одржливи модни додатоци од македонските дизајнери и занаетчии. Со какви производи се претставивте вие? Што можеа да видат посетителите?

Извајана хармонија е новата колекција што ја преставувам во „Лаб дизајн маркет”.

Инспирирана од делото на архитектот Жан-Пјер Лот, во срцето на оваа колекција лежи концептот на дом - не како физичко место, туку како трајна сензација. Се работи за врските што ги формираме со нашата земја, нејзината култура и нејзините луѓе. Преку иновативната
реупотреба на парчињата отпад од колекцијата, овие парчиња поминуваат низ времето и просторот, вткајувајќи ја суштината на архитектурата во секоја нишка и текстура.

Архитектот Жан-Пјер Лот претставува амбициозен нов урбан проект „ле Стела“, воведувајќи храбра архитектонска скулптура во срцето на Ла Кондамин, Монако. Кулата за повеќекратна употреба се карактеризира со нејзината течна, бранувачка фасада. Архитектот генерира широка визуелна врска меѓу двата блока на кули додека ги преминува им нуди на посетителите и жителите можност да го откријат градот. 

Може ли да ми наброите дел од вашите проекти на кои сте најмногу горди? 

Голем проект беше мојот магистерски труд „Архитектура во движење”. Резултатот е современа колекција, препознатлива и уникатна, базирана на корисни, иновативни рачни техники и материјали. Во дизајнирањето на женската колекција со почетна точка во архитектурата, ја претставувам облеката како „тело - архитектура”.

Со истражување се приближував и ја пронаоѓав најблиската врска меѓу архитектурата и модата преку создавање на 3D-структура и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење.

Со овој проект се претставив на Ljubljana Fashion Week, Fashion Weekend Skopje и во Белград на Fashion Scout SEE. Минатата година за овој проект добив признание - BIG SEE Awards 2018 во Љубљана. 

Кои се вашите планови во блиска иднина? Дали развојот на кариерата ја гледате во Љубљана? 

Љубљана е мојата најголема инспирација! Континуирано работам за подобрување на сите фази од животниот циклус на производот. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0 проценти отпад на различни начини. Дизајн врз основа на овие принципи значи почитување на клиентите на нов начин.

Исто така, нуди подлабоко задоволство од производот во однос на квалитативниот дизајн, добрата хармонија и квалитетот на создавањето. Со секоја понатамошна колекција имам намера да се диференцирам со маркетинг стратегии, ексклузивност и висока мерка на свест. Квалитетот на дизајнот не секогаш зависи од неговата изработка, има многу повеќе фактори кои ја зголемуваат вредноста на дизајнираниот производ, како што се, естетика, функционална и употреблива вредност, форма, емоција и комуникација. 

Задоволни ли сте од можностите што ги нуди државата за потенцијалните модни дизајнери ? На што како држава најмногу треба да посветиме внимание за да ги инспирираме младите кои своите амбиции ги насочуваат кон модата? 

Малите земји и нации се во предност во глобалниот свет, затоа што брзо се прилагодуваат и воспоставуваат врска меѓу институциите. Креативните индутрии се иднината на светот. Користењето на најсовремени алатки, посебно интернетот, овозможува претставување на
креативноста на поединецот пред светот. Искрено, не сум запознаена што нуди нашата држава за потенцијалните модни дизајнери, но сметам дека треба сами да се потрудиме за тоа што го сакаме! 

Што е она што е потребно да има млад човек за да успее во модната индустрија? 

Интересот, желбата и упорноста на младите дизејнери за истражувања и иновации сметам дека ќе направат пресврт во општествениот живот. Претставувањето во својата земја и надвор од неа отвара широк хоризонт за размислување, нови идеи и се разбира, тука е перспективата за развој на уметникот и брендот. 

Кој е вашиот совет до сите оние кои сакаат да се занимаваат со модната индустрија? 

Соработката меѓу младите дизејнери ќе ги надмине критиките помеѓу нив. Многу работи се веќе измислени, трикот е во тоа да размислувате пошироко. Најдете нови материјали што би се рециклирале, смислете како да не и штетите на околината додека изработувате
нешто, научете ги традиционалните занаети (полека но сигурно веќе не се пренесуваат од колено на колено). Модата е втор најголем загадувач во светот.

Но, бидејќи не можеме да ги видиме штетни гасови што излегуваат од нашата облека, се успева да се избегне критиката. 

Бисера Трајковска

Фото: Архива на Евгенија Зафировска

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан