• понеделник, 23 декември 2024

Затворски казни за петмина обвинети во „Синџир“

Затворски казни за петмина обвинети во „Синџир“

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) – Затворски казни и една условна казна затвор, изрече Основниот кривичен суд Скопје за обвинетите кои вчера признаа вина во предметот „Синџир“, кој се однесува на даночно затајување. Обвинети се за „злосторничко здружување“, „перење пари“ и „даночно затајување“. 

Првообвинетиот Сашо Вучков доби две и пол години казна затвор и казна од две илјади евра, неговиот татко две години казна затвор и илјада евра казна, мајката на првообвинетиот доби година и единаесет месеци затворска казна и уште илјада евра казна. Останатите двајца обвинети, кои признаа вина, добија по две години затвор и по илјада евра казна. Само еден од шестмината кои вчера пред Судот признаа вина, Јетон Каба доби условна казна затвор од две години, доколку не стори дело во следните пет години и казна од илјада евра. Сите обвинети, исто така, треба да ја надоместат штетата, односно да го платат данокот.

За шест фирми чии застапници, исто така, вчера признаа вина судот изрече парични казни, но и забрани за учество во јавни повици и концесии.

Случајот Синџир во кој обвинети беа над триесетина физички и правни лица се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. За останатите 11 обвинети кои не признаа вина постапката продолжува.

Претходното Јавното обвинителство соопшти дека со шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица во случајот „Синџир“ биле постигнати спогодби, со кои вратени се безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.

Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.

Според содржината на диспозитивот на Обвинителниот акт обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово. аа/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан