• сабота, 23 ноември 2024

Засега нема влошување на состојбата од британскиот сој, мерките мора да се почитуваат, порача Филипче

Засега нема влошување на состојбата од британскиот сој, мерките мора да се почитуваат, порача Филипче
Скопје, 16 февруари 2021 (МИА) - Засега не треба да се размислува за други мерки и рестрикции за спречување на ширењето на британскиот сој на Ковид-19 вирусот, изјави министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во дневникот на телевизија Сител. - Иако бројките не се ниски нема драстичен скок, нема голем кластер низ градовите. Ја следиме состојбата во Скопје и другите градови ги следиме како посебни епидемиолошки региони, застапеноста на британскиот сој на вирусот расте, сега е некаде околу 20 отсто, најмногу во Прилеп и Охрид. Во тие центри не приметуваме зголемување на бројот на пациенти. Точно е и тоа е утврдено дека полесно се пренесува, според некои публикации можно е болеста да е полесна, според некои други публикации е потешка, тоа не може се уште со точност да го утврдиме. Кај нас има 30-тина детектирани соеви на вирусот, близу 1000 ширум светот, истакна Филипче. Тој нагласи дека засега во земјава не се регистрира влошување на епидемиолошката ситуациј, но таа сепак внимателно се следи. - Секогаш апелираме граѓаните да ги почитуваат мерките, сега е тоа од посебно големо значење, потенцира Филипче. Тој истакна и дека одговорност или разрешување ќе има за секој за кого ќе се утврдат неправилности, без разлика дали станува збор за директор или раководител во здравствена установа. Во врска со последните случувања во Струга, министерот Филипче нагласи дека извештаите од ДСЗИ се завршени, а се чекаат стручните надзори кои ги врши Лекарска комора, по што Министерството ќе постапи согласно наодите. сп/

Остани поврзан