Започнуваат со работа програмите од втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД
- На Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ неделава, по прв пат започнува со работа високообразовната програма од втор циклус студии во просториите кои универзитетот ги има

Како што информираат од катедрата, Програмите од втор циклус студии се на англиски јазик, со цел да се привлечат, покрај домашните и странски студенти. Во програмите, има насока за кореографија и за педагогија, за кои во моментов постои подеднаков интерес, а веќе има и запишани студенти од странство. Ова е една од новините кои УГД како високообразовна институција од највисок ранг во земјава ги воведува, за да овозможи висококвалитетна работа со запишаните студенти.
-Во рамки на програмата на овие студии ќе се организираат „Креативни центри“, платформа во која предавања ќе држат еминентни професори и уметници од различни уметнички и образовни категории, од земјава и странство, со цел, студентите да добијат, покрај посебно стручно образование, поширок спектар на знаења, кои ќе им овозможат да напредуваат и да станат курентни на европско ниво. Студентите на додипломските студии и на мастер програмите ќе остваруваат пракса со Скопје танцовиот театар и ќе настапуваат во рамките на реномираниот интернационален фестивал Танц Фест.
Катедрата за современ танц, сезонава ќе биде дел од фестивалот „Споделување“ кој се возобновува по паузата предизвикана од КОВИД -19, и кој ќе се одржи во Братислава, Република Чешка. Студентите на Катедрата за современ танц од двата циклуса, ќе имаат можност на овој фестивал, да настапат со свои кореографии и изведби, како и да држат работилници во друштво на девет други европски универзитети и академии за танц, и тоа од Австрија, Чешка, Полска, Унгарија, Велика Британија и Летонија. Овие поврзувања и комуникација со европски вискообразовни институција, ја зголемуваат можноста за развој на студентите и нивно претставување во контекст на европската современа танцова сцена, наведуваат од Катедрата за современ танц при УГД. вг/са/