• вторник, 24 декември 2024

Започна средбата меѓу Радев и Сиљановска Давкова

Започна средбата меѓу Радев и Сиљановска Давкова

Скопје, 13 септември 2024 (МИА) – Започна средбата зад затворени врати на претседателот на Република Бугарија Румен Радев со претседателката на земјава Гордана Сиљановска Давкова, објави Бугарското национално радио. 

Ова е прва средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со претседателот на Бугарија, Румен Радев откако во Рим на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј не дојде до средба.

Според БНР, по разговорот на двајцата претседатели не се очекуваат изјави. 

Пред денешната средба со Сиљановска Давкова, бугарскиот претседател Радев изјави дека очекува конечно да се решат отворените прашања.

- Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави Радев.

Според Радев, Владата на Северна Македонија сè уште ја нема напуштено изборната реторика. 

- Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, потенцираше Радев.

Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање рече дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.

Во меѓувреме, БНР објави дека во бугарското Собрание, во одговор на пратеничко прашање вршителот на должноста премиер на Република Бугарија, Димитар Главчев, изјавил дека бугарската Влада нема да преговара за промена на условите Република Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.

– Нема за што да се преговара. Ние го имаме ставот на Бугарија. Тие велат дека нема да преговараат со преодна влада, но јас би рекол дека не сакаат да преговараат на наша страна, бидејќи нема за што да се преговара. На последниот Европски совет изјавив дека Република Северна Македонија не ги почитува преземените обврски, поради што истото го кажа и премиерот на Грција, дека Република Северна Македонија не го почитува Договорот од Преспа, така што го кажавме нашиот став на највисоко можно ниво – Европски совет, изјавил Главчев.

Ова е прва посета на Сиљановска Давкова откако ја презеде функцијата во мај годинава. Таа вечерва во Софија ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди на Македонската опера и балет.

Во македонската делегација во Софија денеска се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. ра/ац/

Фото: Бугарска национална телевизија

 

Остани поврзан