Започна пријавувањето за дводневната офф-роуд авантура низ Осоговските планини
- Овогодинешната летна офф-роуд авантура низ Осоговските планини, која ги промовира убавините на Кривопаланечкиот крај од реонот на Осоговието е планирана за четврти и петти септември, а органи

Крива Паланка, 17 август 2021 (МИА) - Овогодинешната летна офф-роуд авантура низ Осоговските планини, која ги промовира убавините на Кривопаланечкиот крај од реонот на Осоговието е планирана за четврти и петти септември, а организаторите, "Офф-роуд Екстрим Крива Паланка" го објавија и повикот за пријавување учесници.
-Планираната должина на рутата ќе биде околу 70.75 километри, со старт во Крива Паланка,кај поранешниот „Мотел Македонија", оттаму по прекрасните пејзажни предели на општината, преку маала Дивјанци, селата Осиче, Гарваница, Биљино, Луке, Црцорија, Трново, Узем и завршува на познатиот туристички локалитет Калин Камен. Попатно се планирани неколку паузи, со завршеток на возењето од првиот ден на Калин Камен со организирано кампување во шатори и релаксација и забава на отворено. Второтиот ден ќе започне со вкуса кривопаланечка чорба за доручек и потоа е предвидена кружна временска трка во повеќе категории. По завршувањето на трката ќе бидат прогласени победниците и ќе се доделат благодарници и награди за првите три места, информираат од организацискиот одбор на "Офф-роуд Екстриме Крива Паланка".
Пријавувањето на учесниците ќе се одржи пред самиот почеток на релито, на стартната точка, кај „Мотел Македонија" пред патот што води до манастирот „Св.Јоаким Осоговски“.
- Старт за пријавување е од осум часот на четврти септември, со потпишување кодекс на однесување и придржување на правилата и мерките за заштита од Ковид-19. На стартната позиција ќе се доделат појадок, маици и налепници со реден број и логото на клубот, а тргнувањето, зависно од бројот на учесници е планирано околу 9 часот и 30 минути. Очекуваме да има голем број учесници, а заради полесна организација замолуваме учеството да се пријави на објавените телефонски броеви на нашата Фејсбук страница и објавениот настан, посочуваат организаторите.
Настанот беше планиран за 21 и 22 месецов, а беше одложен поради важноста на забраната за движење во шуми на подрачјето на целата држава. Настанот го поддржуваат над 50 спонзори, најголем дел локални фирми, вљубеници во екстремните спортови и природата. ид/аа/