• сабота, 23 ноември 2024

Започна Петтиот пчеларски саем во Скопје

Започна Петтиот пчеларски саем во Скопје

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Мед и пчелни производи се изложени на Петтиот пчеларски саем кој започна денеска, а ќе трае до 5 ноември (недела) на плоштадот Македонија. Саемот се одржува петта година по ред, а негов главен покровител е Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, домаќин е Град Скопје, а организатор е Пчеларската федерација на Македонија.

Целта на саемот е да се користи природен мед, а, како што истакнаа пчеларите, посетителите да си одберат свој пчелар (како матичен доктор) за купување на медови и пчелни производи.

На саемот посетителите имаат можност да се запознаат со пчелари од сите краеви на државата, со нивните медови и пчелни производи, како и да дегустираат од понудените производи.

Претседателот на здружението „Пчела“ од Велес, Благојче Најдовски, за МИА изјави дека ваквите манифестации треба да се поддржуваат затоа што на нив се презентираат македонски производи.

 - Ние како пчелари правиме од ништо нешто, затоа што за разлика од другите земјоделци кои имаат земјоделски површини, пчелите може да ги ставиш во шума, значи нема потреба да имаш земјоделско земјиште, а да произведуваш благодет. Пчелата е дар од господа. Сите нејзини производи се прекрасни и многу здрави, и на овој начин се промовира и домашното и здравата храна затоа што во време на висока цена на храна, едноставно имате производи коишто се многу здрави по достапни цени, рече Најдовски.

Тој истакна дека целта на пчеларите е да понудат високо квалитетна домашно произведена храна по достапни цени.

 - Нашиот пристап е многу едноставен, од една страна медот каде што фактички станува нешто што е совршенство од храна, затоа што Македонија има многу интересна клима планинско медитеранско континентална каде што има избоилство на растенија, ние имаме исклучително ароматичен мед којшто е еден од највисоките квалитети на ниво на свет, заради климата што ја имаме. Меѓутоа ние се обидуваме заедно со други производи да го направиме уште повреде, нагласи Најдовски.

Пчеларите до недела на плоштадот Македонија покрај медот, ќе ги презентираат и нивните слатки и здрави изуми подготвени од мед. сан/лв/

 

Фото: МИА

Остани поврзан