• сабота, 23 ноември 2024

Започна кампањата „Здрав оброк за секое дете“ во градинките, домашно овошје за 38 000 дечиња

Започна кампањата „Здрав оброк за секое дете“ во градинките, домашно овошје за 38 000 дечиња

Скопје, 17 јули 2023 (МИА) - Министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска поделија домашно овошје на дечиња згрижени во градинката  „Кочо Рацин“, објект Панорама, во Скопје, со што ја стартуваа кампањата „Здрав оброк за секое дете“.

Како што најавија,  денеска во секоја градинка во државата ќе пристигнат првите пратки со домашно  овошје.

-Кајсии, сливи, праски, круши и јаболка од прва класа, произведени во нашите овоштаници, под строг мониторинг на Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство кои ќе го контролираат квалитетот и безбедноста, од денеска до декември, еднаш неделно ќе се дистрибуираат до сите градинки, за сите 38 000 деца, информира министерот Николовски.

Потсети дека фокус на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како носител на кампањата, е поддршка на домашното производство.

-Годинешната Програма за откуп на овошје е продолжение на она што го започнавме минатата година, но сега со двојно поголе буџет. За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа свежо сезонско овојшје. Минатата година беа откупени околу 750.000 килограми наши домашни јаболка и беа дистрибуирани до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици. Тогаш рековме дека овој проект сакаме да го развиеме, да прерасне во редовна пракса, со која ќе обезбедиме здрав оброк за секое дете и ќе го поттикнеме откупот на домашните производи, И тоа го направивме, а гледајќи ја радоста кај децата и позитивните реакции од родителите, оваа програма заслужува да ја развиеме уште повеќе, изјави Николовски.

Министерката Тренчевска пак, посочи дека програмата е поддржана од  Владата и има за цел подигнување на свеста за значењето на здравата исхрана.

-Денеска имавме прилика, заедно со децата да учествуваме во креативните рааботилници каде што правевме сок од свежо овошје и изработка на цртежи на тема овошје. Сето ова со цел да ја подигнеме свеста за значењето на овошјето во секојдневната исхрана и да ги развиеме навиките за негова конзумација од најмала возраст, појасни Тренчевска.

Таа најави дека следна активност во следниот период ќе биде едукација за грижа и превенција на здравјето во  градинките и во семејните услови преку соодветна и правилна исхрана, во која ќе бидат опфатени сите вработени во градинките.свс/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан