• сабота, 06 декември 2025

„Записи од надземјето: клетии“ од Божин Павловски во издание на МАНУ и „Матица“

„Записи од надземјето: клетии“  од Божин Павловски во издание на МАНУ и „Матица“

Скопје, 5 август 2025 (МИА) - „Записи од надземјето: клетии“ е насловена книгата од академик Божин Павловски што ја објавија Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“ која е втора со записи на авторот од ваков вид, откако неодамна беше објавена  „Записи од надземјето: чудесии“.   Како што соопшти „Матица македонска“, новата книга на Павовски е „своевидна историја на македонската општествена, политичка и културна стварност во XXI век.

-Со прочит на текстовите датирани од почетокот на 2000-тите години наваму се доаѓа до многу појасна слика за сето она што Македонија го доживеа и преживеа во поголемиот дел од периодот по прогласувањето на македонската самостојност и независност. Запишаното во „Записи од надземјето: клетии“ потсетува на сите грешки, падови, успеси, жигосувања, подметувања, лаги, интриги, поигрувања, предизвици и успеси со коишто се има соочено македонското општество во новиот милениум, особено како резултат на дејствувањето на т.н. политички елити. Согледано од перспективата на еден од најреферентните интелектуалци и двигатели во македонското општеството во втората половина на XX и во XXI век.  Несомнено, оваа е прва и засега единствена книга што толку сеопфатно „портретира“ толку долг период од македонското современо битисување, и тоа со изразит критички тон што не е упатен од временска дистанца, туку за секој настан или појава датира од периодот на случувањето, што отвора многу дилеми дали и колку згрешија многу чинители на македонската општествена стварност што не секогаш беа подготвени да ги слушнат мислењата, искуствата и визиите, но и да ги прифатат критиките од еден врвен интелектуалец од рангот на Павловски, наведува издавачката куќа. 

Во соопштение за објавувањето на книгата, посочува дека  „Записи од надземјето: клетии“ е „силна потврда за нераскинливата врска на академик Божин Павловски со Македонија“ и дека иако живеел во Австралија, „некогаш физички одалечен илјадници километри, од неа се чита дека македонската стварност тој ја согледувал и анализирал подобро, посуштински и покритички од многумина“.

-Додека некои интелектуалци селективно ја перципираа реалноста, а други ја премолчуваа од „комфорна зона“, и дури трети ја гледаа со очила со субјективна диоптрија низ која и на своите современици сакаа/ат да им ја наметнат својата „слика“, Павловски, бескомпромисно, неселективно и подеднакво објективно кон сите субјекти на македонската стварност има укажувано на грешките, манипулациите, подеднакво доблесно колку и за македонските успеси, додава „Матица“. 

Книгата „Записи од надземјето: клетии“ и претходната „Записи од надземјето: чудесии“ се дел од собраните дела на академик Божин Павловски во 26 тома, во издание на МАНУ и „Матица македонска“.

-Во текот на овој месец, „Матица македонска“ има акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена, а до крајот на август ќе објави и уште неколку нови книги што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност, се додава во соопштението. хс/дма/

Фото: корица на книга 

 

 

Остани поврзан