• понеделник, 16 декември 2024

Западните министри за одбрана повторно ќе се сретнат во Германија за Украина

Западните министри за одбрана повторно ќе се сретнат во Германија за Украина

Франкфурт, 9 март 2024 (МИА) - Членовите на Контакт групата за одбранбена помош на Украина овој месец повторно ќе се сретнат во воздухопловната база Рамштајн во Германија за да разговараат за поддршката на Киев во борбата против руските војници, јави ДПА.

На покана на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, групата ќе се собере на 19 март во масивната американска база надвор од југозападниот град Кајзерслаутерн, беше денеска соопштено.

Сојузот, познат и како Рамштајн формат, вклучува 56 земји и има за цел да ги координира испораките на оружје за Украина, која се потпира на поддршката на Западот за да ги одбие руските трупи кои ја нападнаа нејзината територија во февруари 2022 година.

Се очекува на средбата министрите и началниците за одбрана на земјите учеснички да разговараат и за други прашања од заеднички интерес во областа на безбедноста.

Контакт групата ги вклучува сите 32 земји-членки на НАТО, вклучително и Шведска, која официјално се приклучи на северноатлантскиот пакт во четвртокот и 24 други земји кои се противат на руската инвазија. Последната средба се одржа во формат на видео конференција на 14 февруари. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан