• петок, 22 ноември 2024

Западен Балкан една од темите на средбата Дендиас – Логар

Западен Балкан една од темите на средбата Дендиас – Логар
Атина, 3 ноември 2021 (МИА) – Важноста на европската перспектива на земјите од Западен Балкан ја истакнаа министрите за надворешни работи на Грција и Словенија Никос Дендиас и Анжи Логар по нивната денешна средба во Атина, на која голем дел од разговорите биле посветени на регионот, јави дописничката на МИА од Атина. Дендиас го изрази задоволството на Грција за резултатите од неодамнешниот Самит ЕУ- Западен Балкан и ги соопшти следните напори и инцијативи на земјата. -Грција, како земја претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, организира работен појадок на маргините на следниот Совет за надворешни работи на 15 ноември, на кој се поканети и европските претставници и министрите за надворешни работи кои учествуваат во иницијативата. Исто така, по нашите заеднички координирани напори, односно на Грција и Словенија и другите земји од регионот, на истиот Совет за две седмици ќе имаме стратешка дискусија за Западен Балкан, рече Дендиас. Дополнително, уште еднаш повтори дека има сили на Балканот кои „вложуваат максимални напори да го оддалечат Западен Балкан од Европа“. Министерот за надворешни работи на Словенија, земјата претседавач со Унијата ја истакна важноста од продолжување на процесот на проширување и поврзување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, што е во стратешки интерес и на Словенија и на Грција, а со неговиот грчки колега имале отворена и искрена дискусија за регионот. -Верувам дека оваа искрена и отворена дискусија ќе ни помогне да најдеме пат што ќе го следиме сите заедно за да избегнеме ескалација во регионот, а подоцна, во подоцнежна фаза, регионот на Западен Балкан да се приближи до ЕУ, рече Логар. Истакна дека напорите на Словенија, прашањето за интеграцијата на Западен Балкан да стави високо на агендата на ЕУ дадоа резултати, потсетувајќи на заедничката декларација усвоена неодамнешниот Самит и изрази уверување дека оваа декларација е добра појдовна точка за „на регионот да му понудиме просперитетна иднина, доколку земјите од Западен Балкан продолжат со реформите и ги прифатат условите за членство“. ср/сд/

Остани поврзан