• четврток, 26 декември 2024

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава, на владина седница утре укинување на економските директори

Замениците министри ќе бидат познати до крајот на неделава, на владина седница утре укинување на економските директори

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) – Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со законот што утре ќе биде на владина седница се укинуваат организациските места или т.н. економски директори во здравствените установи, односно, рече тој, „ставаме точка на дуализмот.“ 

-Мора да имаме едно лице коешто ќе биде одговорно и едно лице коешто ќе има обврски, права, но и одговорности пред граѓаните. Вака бевме сведоци на префрлање на обврските и на одговорностите и практично не можевме да локализираме јасно каде е одговорноста. Сега, со овој потег, јасно ќе знаеме каде е локализирана одговорноста, рече Мицкоски нагласувајќи дека во државава помалку ќе има над стотина функционери „коишто се на товар на граѓаните“. 

Соопшти дека „многу скоро од денеска ќе биде ребалансот на буџетот во Парламентот“, до крајот на оваа недела ќе бидат познати замениците министри, а на прашањето да открие нови именувања на директори, одговори дека „неколку часа од денеска ќе имаме нови именувања“. Исто така, на дневен ред на Владата, рече, ќе дојде и Законот за локална самоуправа.  

Премиерот информираше и дека се подготвува и законско решение за игрите на среќа, кое рече, ќе подразбира најпрво ревидирање на сите согласности дадени од претходната Влада.

-Бидејќи ние сме длабоко убедени дека тука законите се прекршени и некој треба да има одговорност за тоа што ги прекршил законите затоа што мора неказнивоста да ја оставиме во минатото. Секој оној којшто ги прекршил законите и Уставот мора да одговара и тука не треба да имаме никакви дилеми... Второ, треба да го ревидираме пристапот, односно начинот на оданочување, начинот на услови, местоположба итн. Така што, тоа ќе биде едно поопфатно законско решение, кое ќе биде секако поправично, додаде Мицкоски. хс/ев/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан