• петок, 17 јануари 2025

Заменик – министерот за надворешни работи на Грција си поднесе оставка

Заменик – министерот за надворешни работи на Грција си поднесе оставка

Атина, 17 јануари 2025 (МИА) – Од лични причини заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Костас Франкојанис денеска поднел оставка, која грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како што соопштија од неговиот кабинет, ја прифатил, јави дописничката на МИА од Атина.

Нов заменик -шеф на грчката дипломатија надлежен за економска дипломатија и екстровертност ќе биде пратеникот од Нова демократија Тасос Хаѕивасилиу, кој в понеделник ќе положи свечена заклетва.

Дополнително, од кабинетот на Мицотакис информираа дека Франкојанис останува неплатен советник на премиерот за прашањата поврзани со екстровертност.

Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис рече дека Франкојанис по пет и пол години во Министерството за надворешни работи на Грција, „поднесе оставка од сериозни лични причини“, му се заблагодари за соработката и му посака успех во иднина.

- Костас Франкојанис, со неговата исклучителна посветеност, со неговата визија и креативност, одлучно придонесе за реформирањето на економската дипломатија на нашата земја. За време на неговиот мандат, Грција стана поотворена, подинамична и поподготвена да одговори на барањата на современиот свет, рече Герапетритис.

Франкојанис беше задолжен за таканаречената „позитивна агенда“, односно за економската соработка со низа земји меѓу кои и нашата, а во февруари 2022 година беше во дводневна посета на Скопје.

Паралелно, го водеше дијалогот со Турција за билатералната соработка во повеќе области, а минатиот месец беше одржан седмиот круг од грчко-турски разговори за позитивната агенда. ср/рп/

Остани поврзан