• среда, 25 декември 2024

Заменик-министерката Трајков на РеСПА-академијата за интероперабилност 2024

Заменик-министерката Трајков на РеСПА-академијата за интероперабилност 2024

Скопје, 24 декември 2024 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков учествувала на дводневен настан „РеСПА Академија за интероперабилност 2024“ кој се одржал во Велес.

Министерството за европски прашања информира дека настанот бил организиран за да поттикне размена на знаења, искуства и најдобри практики за унапредување на интероперабилноста во Северна Македонија.

-Во своето обраќање, заменик-министерката Трајков истакна дека интероперабилноста е клучен сегмент за ефикасно функционирање на јавната администрација и за успешна дигитална трансформација, која е еден од приоритетите на реформската агенда на Северна Македонија. Таа посочи дека унапредувањето на размената на податоци и соработката меѓу институциите е неопходно за обезбедување на транспарентни и достапни јавни услуги за граѓаните, соопшти МЕП. 

На Академијата се дискутирало за рамката за интероперабилност на ЕУ и усогласувањето со националните политики, за развојот на услуги за е-влада преку подобрена интероперабилност и успешни примери од Европската Унија и Северна Македонија.

-Заменик-министерката Трајков ја нагласи важноста на ангажманот на сите засегнати страни – од носителите на одлуки до оперативното ниво – во спроведувањето на интероперабилноста. Таа изрази уверување дека преку вакви платформи за соработка и размена на знаења, нашата држава ќе продолжи да прави значајни чекори напред во процесот на европска интеграција, се наведува во соопштението. хс/лв/

Фото: Министерство за европски прашања

 

Остани поврзан