• среда, 25 декември 2024

Законодавно правната комисија констатира дека Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри не е прифатлив

Законодавно правната комисија констатира дека Предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри не е прифатлив

Скопје, 6 септември 2024 (МИА) - Со девет гласови „за“, двајца „против“ и ниту еден воздржан, собраниската Законодавно правната комисија констатира дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во прво читање поднесен од пратениците на „Европски фронт“ не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Претседателот на Законодавно правната комисија Александар Велјановски соопшти дека вчера матичното работно тело Комисијата за финансирање и буџет констатирала дека овој Закон не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Еден од предлагачите пратеничката на „Европски фронт“ Иљире Даути во образложението на законското решение нагласи дека со измените и дополнувањата бараат објектите на игрите на среќа дејноста да ја вршат само во хотели со пет ѕвезди.

-Нема место околу училиштата, верските и културните објекти каде нема вакви објекти на игрите на среќа. Сите ние треба да претендираме да сме држава, среќата на народот да биде преку вработувања и други работи за да имаат материјални придобивки, а не на овој начин. Првата точка е поради фактот дека целиот проблем стои во тоа дека нема ограничувања што се однесува на овие дејности каде ќе се одвива. Секој објект што е слободен во територија може да се искористи без ниту една пречка и за ваква дејност за приредување на игри на среќа. Немајќи вакви ограничувања дојдовме до ситуација дека тие можат да се отворат толку многу вакви објекти на игри на среќа и има такви мислења кои што велат дека игрите на среќа е подобро воопшто да не постојат. Дојдовме до решение дека најдобро е да бидат дислоцирани само во хотели со пет ѕвезди, рече таа.

Втора точка, како што потенцира Даути, со денот на влегување во сила на овој закон приредувачите на игри на среќа во казината, обложувалниците, автомат клубовите и томбола од затворен тип за секое истакнување на назив, реклами, објави и огласи на јавни места како и за назив на деловна просторија, да плаќаат месечен износ од 200 евра во денарска противвредноста за секој м2 од површината на која се наоѓа називот, рекламата, објавата и огласот кои средства се уплатат на посебна сметка на општината на чија територија се наоѓа деловната просторија. Уплатените средства од приредувачите на игрите на среќа, општините да ги користат за поддршка на спортот и спортските активности на општината, лицата со посебни потреби, инвалидските организации и здруженијата на граѓани за борба против семејното насилство.

Без никакво образложение и појаснување, претседателот на комисијата Велјановски ги повлече од дневен ред на седницата Предлог на законот за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата, Предлог на законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата, Предлог на закон за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, сите три во второ читање. фф/aa/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан