• сабота, 23 ноември 2024

Заедничка изјава на Борел и Шефчович по повод 30-годишнината на Европската економска област 

Заедничка изјава на Борел и Шефчович по повод 30-годишнината на Европската економска област 

Брисел, 2 јануари 2024 (МИА) - Европската Унија заедно со Исланд, Лихтенштајн и Норвешка во изминатите 30 години континуирано работеше на градење подобра Европа во корист на граѓаните и бизнисите и гледајќи наназад можеме да бидеме горди на она што го постигнавме, се наведува во заедничката изјава на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и потпретседателот на Еврокомисијата за Европскиот зелен договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович по повод 30-годишнината од стапувањето во сила на Договорот за формирање на Европската економска област (ЕЕА). 

- Европската економска област е единствена рамка која опфаќа 30 држави и половина милијарда луѓе на најголемиот внатрешен пазар во светот. Таа е изградена врз заеднички вредности и принципи и претставува фактор на политичка и економска стабилност, како и просперитет и безбедност на европскиот континент, наведуваат Борел и Шефчович во изјавата. 

Тие, како што јави дописникот на МИА од Брисел, потсетуваат дека ЕЕА ги обединува земјите членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка во заеднички внатрешен пазар кој обезбедува слободен проток на лица, стоки, услуги и капитал и обезбедува еднакви услови преку примена на хомогени правила и придружни политики во областа на конкурентноста, животната средина, климатските активности и социјалната политика. Според нив, ЕЕА, исто така, овозможува и соработка во истражувањето, технолошкиот развој, заштитата на животната средина, културата, образованието, здравството и цивилната заштита, со широко учество на трите земји што не се членки на ЕУ во програмите на Унијата.  

- Нашите достигнувања се резултат на заедничка визија, силна посветеност и меѓусебно почитување. ЕЕА е наследство за идните генерации. Во сегашниот геополитички контекст, Договорот за ЕЕА е модел на соработка меѓу блиски партнери. Со нетрпение очекуваме да ги зајакнеме нашите односи со Исланд, Лихтенштајн и Норвешка во следните 30 години, а и  потоа, додаваат Борел и Шефчович. сп/ 

Фото: МИА Архива 

 

Остани поврзан