• понеделник, 23 декември 2024

Заедничка декларација на ЕУМЕД-9 по Самитот во Атина 

Заедничка декларација на ЕУМЕД-9 по Самитот во Атина 
Атина, 17 септември 2021 (МИА) – Мирен, стабилен, безбеден и просперитетен Медитеран е стратешки приоритет за ЕУ, пишуваат деветте земји од ЕУМЕД-9 во заедничката декларација од денешниот Самит, јави дописничката на МИА од Атина. Шефовите на државите и Владите од Франција, Кипар, Шпанија, Хрватска, Словенија, Италија, Малта, Португалија и домаќинот Грција, во декларацијата по нивниот состанок во Атина, се осврнуваат на Медитеранот, кипарското, мировниот процес на Блискиот Исток, случувањата во Авганистан, како и прашања поврзани со Европската агенда и теми што ја засегаат ЕУ, меѓу кои и пандемијата, но и миграцијата, како и климатските промени. Пишуваат дека земјите од јужна Европа функционираат како „столб на стабилност во регионот со заеднички пристап во однос на предизвиците и со заедничка визија за иднината на Медитеранот, но и на Европа во целина“. Паралелно ги повикуваат земјите од регионот да ги почитуваат суверенитетот и суверените права што земјите членки на ЕУ ги имаат во однос на морските зони согласно меѓународното и морското право. Во заедничката декларација деветте земји истакнуваат дека една од главните меѓународни стратешки предизвици со кои се соочува Европската Унија е како да одговори на мигрантските бранови. -Инструментализацијата на миграцијата за геополитички цели е нехумана и ги крши човековите права. Несомнено, соработката помеѓу ЕУ и трети земји е клучна за управување со мигрантските бранови, за спречување на криумчарењата мигранти и трговија со луѓе и е суштинска компонента на надворешната димензија на мигрантската политика на ЕУ, пишува во декларацијата. Следниот самит на деветте медитерански земји членки на ЕУ ќе се одржи во Шпанија. ср/

Остани поврзан