• сабота, 27 јули 2024

Заев: Под покровителство на Португалија и ЕУ очекуваме решение до крајот на јуни на кое се работи веќе пет-шест месеци

Заев: Под покровителство на Португалија и ЕУ очекуваме решение до крајот на јуни на кое се работи веќе пет-шест месеци
Скопје, 20 мај 2021 (МИА) - Со лидерите на ЕУ зборувавме за Западен Балкан и перспективите. „Кабаетлукот“ на Европската Унија е недвојбен, јасно е, постои и голем е и се градат стратегии како конечно Европа да го врати својот кредибилитет овде. Затоа што ние сме само најеклатантниот пример, но сите на свој начин си чекаат, изјави денеска премиерот Зоран Заев. На гостувањето на емисијата „Утрински Брифинг“, Заев говореше за интензивните меѓународни средби изминатиот период и за процесот на остварување на аспирациите на нашата земја за членство во Европската Унија, при што потенцираше дека ниту една земја која што е аспирант за ЕУ и сака да оди понатаму не чекала повеќе од нас. Тој изрази оптимизам дека во наредниот период во разговорите на челниците на Португалија која претседава со Унијата и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со двете страни, нашата и на Бугарија, ќе се направат чекори и ќе се оствари Првата меѓународна конференција кон крајот на јуни. Заев потенцираше дека граѓаните треба да ја знаат реалноста оти Бугарија има техничка Влада и не е лесно да се оди преку тоа затоа што не се знае дали ќе преземе политичка одговорност да носи одлука во овој дел. Но, како што кажа, тоа не значи дека ние не треба да направиме сè, бидејќи, како што вели, сепак Бугарија ни е прв сосед, тука сме и треба да наоѓаме решение. - Мислам дека и за бугарската страна е добро да се изнајде решение. Граѓаните на изборите им кажаа дека политики кои што носат непријателство, блокади, кочници, не се поздравени и поддржани од граѓаните. Впрочем и претседателот Радев многу често зборува за европеизацијата, европските манири и слично, мислам дека треба да се повлечат вакви чекори, ќе си каже Бугарија за себе, кажа Заев. Притоа додаде дека „не сака да покренуваме нереални очекувања, а потоа да бидеме скршени“. Но, нагласи дека оваа година треба да направиме пробив поради тоа што, како што кажа, имаме одлука. - Ние не зборуваме за следен чекор, зборуваме за получекор, прва меѓувладина конференција, следува скриниг, после тоа неколку месеци поглавјата и слично, појасни тој. Како новина го истакна португалското претседателство, кое, како што кажа, разработува цела една стратегија со која што ќе настапи пред Софија и пред Скопје, односно пред Бугарија и пред Северна Македонија и верува дека до крајот на оваа недела, тоа ќе се случи. - Директно оди кај Владата и разговара за предлог, и доаѓа кај нас, разговара за предлог. Ги знаат нашите црвени линии, бевме во Брисел и викавме, ако чепнете македонски идентитет или јазик тргнете нѐ од преговорите. За идентитет никој никогаш не разговарал, потсети Заев. Премиерот изрази надеж дека во Бугарија на изборите ќе се формира влада со која што ќе може да разговара, иако како што нагласи, тоа не значи дека за разговори треба да се чека терминот во септември кога се очекува формирањето на владата во Софија. - Ние и сега треба да разговараме. Двајцата претседатели ќе разговараат. На 26 мај се заедно во Ватикан. Ние преку португалското претседателство и еврокомесарот Вархеји разговараме како влади. Очекувам до крајот на неделата министерот за надворешни работи на Португалија која што е претседавач со ЕУ и комесарот да одат во Софија и да дојдат тука и да соопштат решение на кое што работат веќе пет-шест месеци, истакна премиерот Заев.ар/лв/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан