• сабота, 23 ноември 2024

Заев и Гир: Дебатата за личните карти е отворена, но императив е усогласување со европското законодавство

Заев и Гир: Дебатата за личните карти е отворена, но императив е усогласување со европското законодавство
Струмица, 20 февруари 2021 (МИА) – Прашањето за личните карти во Европската унија е на ниво на националните законодавства на земјите членки, но во август 2021 година стапува во сила Општата регулатива за заштита на податоците – ГДПР, согласно која процесирањето на информации како што се етничка и религиозна припадност се забранети. Кај нас дебатата за правото на граѓаните доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност е отворена, а како земја кандидат за членство во ЕУ императив е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива. Ова го порачаа Евроамбасадорот Дејвид Гир и премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали вметнувањето на етничката припадност во личните карти е спротивно на европското законодасвтво, по отворањето на Европската куќа денеска во Струмица. Евроамбасадорот Гир, рече дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците - ГДПР, согласно која процесирањето на информации како што се етничка и религиозна припадност, како и дрги елементи се забранети. - Во моментот во ЕУ, прашањето за личните карти е на ниво на националните законодавства на земјите членки, и тоа ќе продолжи да биде така, но во август 2021 година ќе стапи во сила Општата регулатива за заштита на податоците, што ќе биде на ниво на ЕУ, изјави Гир. Евроамбасадорот, нагласи дека Република Северна Македонија е во процес на усогласување на нејзината легислатива со стандардите на ЕУ и има добар напредок во тоа. - Тоа е особено важно, бидејќи откако ќе почнат преговорите, фокусот ќе биде на сите детали во усогласувањето на националното законодавство со правилата и стандардните на ЕУ и ќе биде особено важно двете законодавства да бидат хармонизирани, изјави Гир. Премиерот Зоран Заев, рече дека јавно ги соопштиле своите ставови и стојат на нив, посочувајќи дека како што одговори и евроамбасадорот Гир, тоа е прашање што го регулира националното законодавство. - Кај нас е апсолутно дадено право на национално ниво како ќе го регулираме. Затоа и ги кажуваме своите ставови по однос на ова прашање. Мене ми е драго што и најголемата опозициска партија и другите политички партии се на линија на правото на определба, да граѓаните се изјаснат доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност. Но, како земја кандидат за членство во ЕУ, императив секојпат е усогласување на домашното законодавство со европската регулатива, изјави Заев. Така што, посочи Заев, во август или октомври, кога и да почне ЕУ да дебатира по ова прашање и ние ќе се вклучиме. - Секако на крајот ги следиме сите европски одлуки и регулативи, затоа што сакаме и да бидеме членка на ЕУ. Дебатата ќе биде отворена, секако во консултации и координации со европската делегација во Скопје и со Европската комисија во Брисел ќе ги носиме ваквите одлуки во зависност од тоа во кој правец ќе бидат донесени одлуките на ниво на ЕУ, изјави Заев. аа/рт/  

Остани поврзан