• среда, 27 ноември 2024

Заев: Имаме силна поддршка од сојузниците, решенија ќе бараме низ дијалог

Заев: Имаме силна поддршка од сојузниците, решенија ќе бараме низ дијалог
Скопје, 9 јули 2021 (МИА) - Никогаш нашата земја немала толку силно изразена поддршка од целиот свет како што ја имаме денес и почит што ја добиваме како народ, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев во обраќање на трибината „Најдоброто за нашата општина“ која вечерва се одржува во Валандово.
Според Заев, потврда за тоа е Преспа форумот за дијалог со учество на светски државници, лидери и општественици кои, како што рече,  дадоа почит на сето она што го правиме во Северна Македонија.
- Постигнавме убав баланс со едно општество за сите, за да има мир и соработка, а преку тоа да има посилна економија и повисок животен стандард. Историски проблеми решававме во овие четири години. Постигнавме договори со Грција и Бугарија, ги отворивме вратите, станавме членка на НАТО, денес сите земји членки на ЕУ зборуваат позитивно за Република Северна Македонија и сите 26 земји членки денес разговараат со Бугарија за да станеме земја членка на ЕУ. Денес сме НАТО, трајно е обезбедена нашата безбедност, нашиот територијален интегритет и го заштитивме идентитетот. Претходно, за сите бевме ФИРОМ, а денеска за сите, за целиот свет вклучително и за Грција сме Македонци со македонски идентитет, рече Заев.
Северна Македонија, нагласи тој, денеска е поддржувана како никогаш претходно и за секоја наша идеја и проект имаме поддршка и од САД, и од Европа.
-  Блокадите на Бугарија ја кренаа нашата слава. Јас сум убеден дека низ духот на пријателството, внимавајќи целосно на нашите идентитетски линии, ќе изнајдеме решение, затоа што во наш прилог е соседите да ни бидат пријатели, прашањата да ги решаваме низ дијалог, а не со кавги и конфликти, каде народот ја плаќа сметката, рече Заев на трибината во Валандово. хс/бак/

Остани поврзан