• петок, 15 ноември 2024

Заев: НАТО е завршена работа, сега грабаме напред кон европеизација заедно со концептот едно општество за сите

Заев: НАТО е завршена работа, сега грабаме напред кон европеизација заедно со концептот едно општество за сите

Тетово, 26 јуни 2020 (МИА) - Караванот на Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и Движење Беса заедно со другите партии одржаа трибина во Тетово. Претседателот на СДСМ  Зоран Заев истакна дека за прв пат граѓаните имаат можност да видат предизборна мутиетничка коалиција која заедно се бори за мандат од граѓаните и ќе понуди заедничка битка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија.

-Нема веќе да ви ветуваат членство во НАТО другите партии затоа што тоа е завршена работа. Заедно со концептот за едно општество за сите, заедно успеавме сите граѓани да станеме членка на НАТО, а тоа значи исполнување на една од двете стратешки определби. Сега треба да бидеме заедно како никогаш досега мултиетничка и богата Македонија да ја оставиме на внуци како Европа во мало. Сега треба да грабиме напред  и да се европеизираме заедно со концептот едно општество за сите, истакна Зоран Заев.

Тој им порача на политичките противници дека во шеста изборна единица ќе бидат победени сите.

-Ќе ги победиме и ДУИ и Алијанса, двојно повеќе ќе имаме гласови од ВМРО ДПМНЕ затоа што им е преку глава на луѓето од квази патриотизам и нациионализам. Во недостиг на економска понуда, понуда за иднината, ДУИ се враќа кон национализмот и ја навредува интелигенцијата на граѓаните. Зарем не знаат дека се прочитани? Па и тие губат од ваквите уценувачки политики. Граѓаните се тие кои кажуваат кој ќе биде пратеник, кој ќе биде министер, а кој премиер. Ние во СДСМ имаме Албанци и пратеници, градоначалници и министри, немаме проблем и за премиер и за претседател, но тоа е одлука која на крајот ја носат нашите граѓани. ДУИ што не ја внесе земјата во НАТО со Груевски, крајно време е по 17 години власт да одат во опозиција, само така ќе се реформираат. Затоа, порача Заев, по 17 години на власт здраво е за државата, здраво е и за ДУИ да прејде во опозиција бидејќи само така ќе се реформира.

На тетовци им порача дека секогаш биле еснаф луѓе кои знале да проценат најдобро.

-Знаете да направите разлика, со тасот од вагата кога беше минимална плата 9 илјади, кога е 14.500. Знаете да направите разлика дека сега нема зголемување на цената на струјата и дека има евтина тарифа.

Лидерот на Беса, Билал Касами пред граѓаните рече дека заедно се во оваа коалциија поради вредностите во кои веруваат со СДСМ. -Заедно се боревме да падне режимот. Во 2016 паднаа две третини од режимот, сега преостанува уште една третина, конечен удар за ДУИ и да не се врати тој режим. Заедно гарантираме реално ќе има рамномерен развој, гарантираме дека Шар Планина ќе биде национален парк, но и ќе го развиваме туризмот. Гарантираме подобра инфраструктура, да нема веќе депонии, да има вода за пиење во сите места, вработување на уште луѓе во економската зона, веруваме дека иднината е тука, истакна Касами.

На трибината зборуваат и Фаница Николовска кандидат за пратеник на СДСМ од Тетово и советникот на Заев за НАТО, Исмет Рамадани.ас/са/

Остани поврзан