• понеделник, 23 декември 2024

Задругарството да се стави на стабилни нозе, а не само како слово на хартија

Задругарството да се стави на стабилни нозе, а не само како слово на хартија

Скопје, 25 август 2024 (МИА) - Задругарството го има во сите сфери, но кај нас е најпознато земјоделското здружување. Во поранешните ју-републики ги имаше задругите, но каква е денес состојбата кај нас? Земјоделците, асоцијациите, здруженијата и надлежното Министерство имаат ист став – земјоделските задруги се потребни за унапредување на производството, пласманот и профитабилноста во производството на храна. Повеќе од итно е задругарството да се стави на функционални, стабилни „нозе“, а не само како „слово на хартија“. 

- Не може да се сфати дека задругарството е само една обична кооперација и таа да биде само за потсмев. Задругарството е повеќе од тоа. Тоа е претприемачки, конкурентски модел. Така се живее во светот.  Ако во една Италија, Холандија, Данска, Норвешка, Германија, меѓутоа и во многу други земји – Јапонија, Кина, Индонезија, Пакистан, Бразил, значи и во развиениот и во неразвиениот свет,  еден фармер, земјоделски производител е член на најмалку три задруги и доброволно ги остварува своите интереси, не гледам зошто тоа во Македонија не би имало иднина. Но, за да може да живее, овде работите треба да се движат во многу правци. Транзицијата во Македонија последниве 30 години се одвива како една првобитна акумулација на капиталот во капитализмот. И ова што сега ние го имаме, е резултат на сите полиња. И во земјоделството, и во земјоделското задругарство е само инерција која трае многу долго време, вели Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежата на земјоделски задруги.

Земјоделските задруги со слаб импакт во бруто општествениот производ

Десет до петнаесет години практикуваме земјоделски задруги. Во регистерот на Министерството за земјоделство има 76 регистрирани земјоделски задруги, но според Арнаудов, функционални се 50-тина.

- Тие 50-тина земјоделски задруги имаат многу слаб импакт во бруто општествениот производ: според бројот на вработеноста и на другите параметри со кои се изразува учеството во задругарството.  Причините се повеќеслојни, нагласува Арнаудов.

Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделците од Струмица смета дека формирањето на задругите во државава не го оправдало тоа за што тие се наменети. Потребно е да се обезбеди реално производство и уште пореален и профитабилен пласман на произведените земјоделски производи.

- Задругарството требаше да биде еден од најголемите начини на здружување на земјоделските производители, а со тоа, тие требаше да стапуваат во еден заеднички циклус на производство и заеднички циклус на пласман. Но, според мене, формирањето на задругите не го оправда тоа за што се наменети. Бидејќи, само првите луѓе на задругите, директорите примаат секој месец финансиски средства, а нема ништо околу организацијата, нема организирано производство. Според мене, сите членови во задругата, десет или дваесет, треба да одберат една сорта која ќе ја садат, ист начин на производство, заштита и на крајот, кога ќе дојде пласманот, претходно  е директорот, или некој кој ќе ја води Задругата, да им обезбедат сигурен пласман на производите. Но, според она што се случува на теренот, ниту имаат заеднички пристап на производство, ниту имаат заеднички пласман што значи дека само една фигура профитира од формирањето на задругите, а тоа се директорите. Многу очекуваме од министерот за земјоделство кој, сметам, ги следи и ги разбира состојбите, вели Велков.

Според претседателот на Мрежата на земјоделски задруги, Ѓорѓи Арнаудов, потребно е престројување на општеството во секој поглед - социјален, генерациски, економски, како и реална поддршка од државата за да земјоделските задруги заживеаат како што треба.

- Прва причина е цената на долготрајната транзиција во општеството. Втора причина е што во овие 30 години не видовме успешна приказна на земјоделски задруги кои ќе го инспирираат овој модел повторно да се реафирмира. Трето, во Македонија сѐ уште нема генерациска обнова во секторот земјоделство што ќе ги искористи сите можности на земјоделските задруги, како што тоа се прави во светот. Кај нас, просечната старост на земјоделецот кој очекуваме да се здружи во земјоделските задруги е над 55 години. Како да очекуваме од 55-годишен фармер да изгради амбиција и да влезе во задруга? Особено ако таа задруга во овој момент е поддржана ниту од државата како што е во светот, нагласува Арнаудов.

Оценува дека недоволно е искористена поддршката од државата, почнувајќи од законските можности, но и од програмите за развојот на земјоделството. Ја нагласува и слабата економска моќ и физичкиот потенцијал на фармерите во земјава, како и немањето визија кои организациони модели ќе ги решат проблемите во набавките,  производството, примената на стандардите, пласманот на земјоделските производи. 

Филип Димкоски, дипломиран агроном од Прилеп и професор во средно училиште, вели дека поранешниот систем, во бившите ју-републиките, го познава задругарството. Не смее, вели тој, законот да биде „мртво слово на хартија“.

- Не само да се остави на хартија, туку навистина да се спроведе и да се почитуваат правилата кои тоа здружување едноставно ги бара. За жал, многу работи кај нас убаво звучат напишани и кажани, но неспроведени во дело. И самите земјоделци треба да го кренат гласот, зашто не е во ред да се заработува на нивниот грб, а да не се прават подобри политики за развој на земјоделството. Така што, она што е напишано, ако е добро, нека се применува, ако не е добро, нека се измени и нека се најдат подобрите форми, нагласува Димкоски.

Според него, кај средните земјоделски стопанства се јавува потребата за заедничко здружување и заедничко претставување на ресурсите.

- Ни недостасува работна рака од една страна, а од друга страна не секое средно земјоделско стопанство има можност да ја поседува неопходната механизација. Малите стопанства, според мене, ќе опстојат индивидуално, и треба државата да ги поддржи тие мали земјоделски производства, но, средните и големите ќе мора да се здружуваат, што според мене, е добар начин да се искористат потенцијалите, ресурсите, земјата, исто и човечкиот ресурс и со тоа да бидат конкурентни и да може да се изборат за одредени права, за одредени гарантирани цени на земјоделските производи, вели Димкоски.

Работна група во Министерството за земјоделство работи за законски усогласувања

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски за МИА вели дека Владата преку програмите става посебен акцент на задругарството како алатка преку која земјоделците ќе може да бараат пласман за земјоделските производи и да ги користат повластените мерки наменети за оваа категорија. Вели дека се работи на развивање на задругарството, но дека сме во правен теснец, затоа што имаме само посебен закон за задруги, неусогласен со Законот за земјоделство и рурален развој. 

- Ова е период кога правно се наоѓаме во еден теснец поради укинатиот Закон за земјоделски задруги, a e формиран посебен закон за задруги кој не е усогласен со Законот за земјоделство и рурален развој. За таа цел  формирана е работна група која опфаќа експерти и засегнати страни која отпочна со работа за измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој. Целта на овие измени е да се усогласат одредбите на Законот за задруги и Законот за земјоделство и рурален развој со што земјоделските задруги и нивните членови да можe да користат финанасиска поддршка од програмите за финансиска поддршка на Министерството, вели Трипуновски.

Елизабета Митреска

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан