• четврток, 26 декември 2024

Загадувањето на Вардар не е од правните субјекти во кругот на Железара

Загадувањето на Вардар не е од правните субјекти во кругот на Железара
Скопје, 10 април 2020 (МИА) - Инспекциските надзори извршени вчера во комплексот Железара во правни субјекти кои подлежат на А-Интегрирани еколошки дозволи кои се во надлежност на Државниот инспекторат за животна средина, врз основа на дојава за испуштање на загадувачки материи во река Вардар од одводниот канал во населба Гази Баба, покажале дека испусните води од овие субјекти се во граничните вредности. - Инспекциските надзори покажале дека водите од „Либерти“ и „Макстил“ се во граничните  вредности. Во комплексот Железара извршен е и вонреден инспекциски надзор во ЕСМ-Енергетика кој е во редовно функционирање за производство на топлинска енергија и нема континуирано испуштање на отпадни води од работен процес и немал проблеми со испуст на истите, додека двете асфалтни бази кои се со А-Интегрирани Еколошки Дозволи на ЈП Улици и Патишта и БАУЕР БГ од својот работен процес не испуштаат отпадна вода. Правните субјекти „Скопски легури“ и „РАД КОМ“ кои се наоѓаат во истиот не работат години наназад, соопшти Државниот инспекторат за животна средина. Инспекторатот информира дека во главниот колектор во индустрискиот комплекс Железара се вливаат фекални води од сите постоечки компании и фирми во кругот на поранешната фабрика Железара преку посебна фекална канализација; атмосферски води од покривните конструкции од објектите, атмосферски води од сливните површини од патиштата и паркинзите преку посебна атмосферска канализација. - Во главниот колектор преку канализациони приклучоци се вливаат води и од градската канализација од населбите Бутел, Железара, ПЗУ Ре-Медика и ЈЗО Здравствена станица Железара. Надвор од индустрискиот комплекс по трасата на колекторот кон реката Вардар со канализациони приклучоци се вливаат и води од поодделни фирми и тоа: поранешен објект од Годел-Кожара, Тинекс, Сепарација на Бетон, ЕМУЦ, АСУЦ, приватни фирми, семејни куќи и други корисници. Сите води преку колекторот се испуштаат во реката Вардар, информираат од Инспекторатот. Согласно горенаведеното, прво е извршен визуелен увид во 12:30 часот, на река Вардар, на горенаведената локација при што се констатира дека водата што истекува има обојување со слабо жолтеникаво-црвенкаста боја која на растојание од 3-4 метри во реката се губи. За време на увидот направена е фото- документација. Потоа е извршен вонреден инспекциски надзор во комплексот Железара, во правни субјекти кои подлежат на А -Интегрирани еколошки дозволи кои се во надлежност на Државниот Инспекторат за животна средина, се нагласува во соопштението на Државниот инспекторат. ир/сп/

Остани поврзан