Завршни подготовки за Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево фест 2022“
- Во Делчево се одржа семинар и обука како дел од завршните подготовки за Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево фест 22“ и Пијанечко-малешевската свадба како придружна манифестација во функ

Делчево, 4 септември 2022 (МИА) - Во Делчево се одржа семинар и обука како дел од завршните подготовки за Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево фест 22“ и Пијанечко-малешевската свадба како придружна манифестација во функција на туристичка понуда во регионот.
Целта на активностите како што истакна предавачот на семинарот Зенил Реџепов е изучување на народните ора, песни и обичаи, како и развивање, промовирање, зачувување и презентирање на македонскиот фолклор.
- На семинарот учествуваа 50 млади момчиња и девојки кои дадоа свој придонес во изучувањето на Пијанечко-малешевските обичаи изразени преку народни ора, песни, инструменти и носии, и на тој начин го изразуваат историското минато и богатството на културното наследство и традиции на македонскиот народ од овој крај, рече Реџепов.
Во рамките на обуките на кои предавач беше и професор Даме Манов, се изучуваа адетите китење на бајракот, поклонување пред кумот, бакнување на рака и други обичаи кои се практикувале во Пијанец и Малеш.
Младоженци на 16-тата Пијанечко-малешевска свадба се Елеонора Мичковска од беровското село Русиново и Горанчо Костадинов од село Нов Истевник, Делчево кои изразија задоволство од спроведеното заедно со членовоте на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“, кој е организатор на годинешниот Меѓународен фолклорен фестивал.
- Изучувањето на обичаите не беше тешко. За нас е чест што сме дел од оваа манифестација. Ги покануваме сите заинтересирани да присуствуваат на овој настан кој ќе се одржи наредната сабота, истакнаа Мичковска и Костадинов.
Меѓународниот фолкорен фестивал „Делчево фест 2022“ заедно со придружната манифестација Пијанечко-малешевска свадба ќе се одржи на 10 септември 2022 година. Покровител на настанот е Општина Делчево, а се реализира со финансиска поддршка од Министерство за култура на Република Северна Македонија. вс/лв/


