• среда, 27 ноември 2024

Заврши третиот циклус на Програмата за професионална обука за менаџмент на квалитет и конкурентност

Заврши третиот циклус на Програмата за професионална обука за менаџмент на квалитет и конкурентност
Скопје, 19 јули 2022 (МИА) - На Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ) заврши третиот циклус на Јапонска менаџмент програма за Професионална обука “Quality management and Competitiveness – Менаџмент на квалитет и конкурентност”. Програмата, која содржеше 11 дисциплини од областа на менаџментот на квалитет и компетитивноста, беше спроведена во периодот од 6 мај до 17 јули 2022 година, а успешно ја завршија 11 учесници од третата генерација. Предавања беа одржани онлајн и во физичко присуство од страна на еминентни професори од Јапонија, Бугарија и Северна Македонија, но исто така, преку аналитички, интерактивен и интегриран пристап програмата креираше значајна додадена вредност преку професионално знаење, вештини и експертиза, како и овозможување на емпиричка можност за учесниците да ги слушаат презентациите и да остварат онлајн интеракција со почитувани бизнисмени од Јапонија и Северна Македонија. Оваа програма е поддржана од страна на Јапонската агенција за меѓународна соработка ЏАЈКА (JICA), а е спроведена, како и при претходните два циклуси, на Економскиот Факултет – Скопје, при УКИМ, во непосредна соработка и ко-организација со Универзитетите во Шига и Нагасаки, Јапонија и Универзитетот за национално и светско стопанство (УНСС), Софија, Бугарија. Церемонијата за промоција и затворање на третата генерација на програмата беше организирана во хибриден формат и на неа учествуваа во физичко присуство, како и онлајн претставници од универзитетите, амбасадорите на Амбасадите на Јапонија во Скопје и Амбасадата на Бугарија во Скопје, претставници на балканската канцеларија на Јапонската агенција за меѓународна соработка како и останати истакнати гости. цр/аа/

Остани поврзан