Заврши сеидбата на пролетен јачмен во Пелагонија
- Во Пелагонија заврши сеидбата на пролетен јачмен, а наскоро на земјоделските парцели ќе се засадуваат житните и други пролетни култури.

Битола, 8 април 2025 (МИА) - Во Пелагонија заврши сеидбата на пролетен јачмен, а наскоро на земјоделските парцели ќе се засадуваат житните и други пролетни култури.
Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола за МИА потврдија дека обилниот дожд и снегот ќе ја подобрат влажноста на почвата која, како што велат, жедна е за вода.
-Сеидбата на пролетен јачмен е целосно завршена. Пролетниот јачмен е застапен со 20 проценти од вкупно планираните површини со житарици во Пелагонија. Наскоро ќе почне сеидбата на пченка со зрно и пченка за силажа, а пелагониските земјоделци веќе ги испланираа и парцелите на кои ќе има сончоглед, изјави за МИА Горанчо Томески од секторот за поледелство во АПРЗ-Битола.
Според агроекспертите, дождот и снегот позитивно влијаат на кондицијата на пелагониско поле чии ниви се жедни за вода.
-Снегот брзо се стопи, а водата е потребна за да се подобри влажноста на парцелите кои се борат со сушниот период. До денеска немаме пријави за евентуални проблеми со поголемо количество вода, а тоа единствено може да се случи ако некаде не се исчистени одводните канали на примарните или секундарните канали. Во овој момент никаде нема излевање на канали низ Пелагонија, потврди Томески.
Стручни тимови на АПРЗ-Битола постојано ја следат состојбата и со другите земјоделски површини, овоштарници и лозови насади што се од надлежност на Агенцијата. мт/мд/
Фото: МИА