• вторник, 26 ноември 2024

Заврши сеидбата на оризот во Кочанско на планираните 3.500 хектари

Заврши сеидбата на оризот во Кочанско на планираните 3.500 хектари

Кочани, 8 јуни 2023 (МИА) – Планот за сеидба на оризот во Кочанско е реализиран во целост и со главната земјоделска култура во регионот се опфатени околу 3.500 хектари.

Реализацијата на сеидбената кампања беше продолжена за десетина дена поради доцнењето во подготовката на површините во атарите на селата Чешиново, Спанчево и Соколарци.

Полнењето на нивите со вода, што почна во средината на април, се одвиваше без проблеми, а во каналската мрежа на хидросистемот „Брегалница“ се пуштаа просечно по околу десет кубни метри во секунда.

- Сезоната за наводнување ја почнавме со недостиг од околу 20 отсто од потребните количини вода, но обилните дождови кон крајот на април и почетокот на мај ја подобрија хидролошката состојба и ја наполнија браната Калиманци. Дотокот од реките е над просекот за овој период од годината, што значително го надомести недостигот. Пред неколку дена водата ја достигна максималната кота и беше на прелив, а во моментот се акумулирани над 113 милиони кубни метри. Со овие количини, како и со добра организација од наша страна и домаќинско однесување на водокорисниците, очекуваме сезоната за наводнување да се реализира според планот, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.

Од водостопанската подружница нагласија дека и покрај максималното ниво на акумулирана вода во Калиманци, распределбата ќе се врши крајно економично за да се обезбеди наводнување во текот на летниот период за полињата во кочанскиот, пробиштипскиот и светиниколскиот регион.

Според просечните приноси од единица површина се очекува од полињата во кочанскиот регион годинава да се добијат над 25 илјади тони оризова арпа. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан