• понеделник, 16 декември 2024

Заврши расправата за разрешувањето на министерот за здравство Меџити

Заврши расправата за разрешувањето на министерот за здравство Меџити

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Собранието ја заврши расправата по предлогот за разрешување на министерот за здравство Фатмир Меџити, а гласањето ќе се спроведе по завршување на расправата за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. 

Алиу во моментов го користи правото да се обрати пред пратениците. 

Меџити и Алиу се разрешуваат на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, откако тие се изјаснија дека го поддржуваат лидерот на Алијаса за Албанците, Арбен Таравари кој најави дека ќе ја поддржи албанската опозиција на изборите. 

На местото на Меџити е предложен Илир Демири, додека за министер за информатичко општество и администрација е Наим Бајрами.  

За време на дебатата вечерва пратеничката Гордана Силјановска Давкова му рече на министерот Меџити дека разрешувањето не говори за него, туку за техничкиот премиер, бидејќи неговата професионалност и работа не биле критикувани. 

Таа се осврна на техничката Влада посочувајќи дека ваков пример нема во ниту една земја во ЕУ. Потенцира дека техничките премиери не предлагаат разрешувања затоа што се преодни. 

- Апсолутно ниту еден технички премиер не се занимава со тоа што се случува во ниту една партија. Пардоксот е дека разрешувате дел од министрите од АА, кога партијата има претседател, рече Силјановска Давкова. 

Пратеничката Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ рече дека министерот за здравство бил еден од ретките што јавно барал да се разреши скандалот на Клиниката на онкологија и побара од него и понатаму да биде гласен и и покрај тоа што нема да биде на таа функција да помогне за истрагата на Онкологија. 

Преодната или техничка Влада за спроведување на парламентарните избори на 8 мај, и претседателските две недели претходно на 24 април беше избрана на 28 јануари годинава. ев/бак/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан