• недела, 22 декември 2024

Заврши гласањето за доверба на Џонсон, наскоро резултати

Заврши гласањето за доверба на Џонсон, наскоро резултати
Лондон, 6 јуни 2022 (МИА) - Пратениците од британската Конзервативна партија денеска гласаа за доверба на нивниот лидер Борис Џонсон. Пратениците гласаа од 19 до 21 часот по македонско време, а сега следи пребројување на гласовите. Резултатите треба да бидат објавени околу 22 часот. За заминувањето на Џонсон потребни се мнозинство гласови, најмалку 180 пратеници од Конзервативната партија. Доколку тоа се случи, следуваат избори за ново партиско раководство, што ќе значи и смена на премиерската функција. Би-Би-Си проценува дека 131 пратеник од конзервативците пред гласањето најавиле дека ќе го поддржат Борис Џонсон во гласањето за недоверба. Дејли мејл објави нешто поголема бројка, односно дека за Џонсон ќе гласаат најмалку 156 пратеници. Пратениците во гласачката сала влегоа низ една врата, а излегоа од друга. Им беше забрането да ги внесат мобилните телефони за да не го фотографираат гласачкото ливче, а гласаа во затворена кабина. Малку по 20 часот, на гласањето за доверба пристигна и самиот Борис Џонсон. Новинарите го прашаа дали ќе гласа за себе или против. Тој не одговори. ссм/

Остани поврзан