• сабота, 23 ноември 2024

Завршен е проектот за реконструкција на кумановскиот театар

Завршен е проектот за реконструкција на кумановскиот театар
Куманово, 5 ноември 2020 (МИА) - Заврши проектот за реконструкција и адаптација на зградата на театар Куманово, соопштија денеска надлежните од НУЦК „Трајко Прокопиев“ под чии ингеренции е установата. Завршени се потребните документи и се очекува да се отпочне со реконструкцијата, во првата половина од наредната година. - Процесот кој почна минатата година е завршен вклучувајќи ги сите фази од еден проект – архитектура, термодинамика, електрика, статика, водовод. Процесот траеше долго затоа што требаше дополнително да се испита објектот од страна на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), односно институција која мораше да даде „зелено светло“ преку изготвена студија за реконструкција и адаптација на објектот со оглед на застареноста на истиот. По испитувањето, завршени се и комплетирани сите потребни документи за проектот, изјави директорот на установата Сашо Тодоровски. И Градежниот институт кој го ревидирал проектот дал позитивно мислење за проектот. Во наредниот период ќе треба се добие на градежна дозвола од Министерство за транспорт и врски и можно дополнително испитување на целиот објект заедно со училиштата, пред отпочнување на градежните работи, бидејќи објектот на театар Куманово се наоѓа помеѓу две училишни згради. - Вкупната сума за изведба на проектот за која беше спроведена тендерска постапка чинеше 895.620 илјади денари и го изработи градежната фирма „АРХИУМ“ од Скопје заедно со ревизијата на проектот од страна на ГИМ која чинеше 104.253 илјади денари, вели Тодоровски. Зградата на театар Куманово со години се наоѓа во незавидна состојба за изведба на уметничките дела, но и покрај тоа, потенцира директорот на установата, имаат успешна програма, изведби на претстави, многубројна публика и посветени вработени. Тој вели дека проектот е сработен на високо професионално ниво и со него ќе се врати стариот сјај на театар Куманово и значително ќе се подобрат условите за работа. - Министерството за култура за првата фаза на изведба на проектот има обезбедено 10 милиони денари и очекуваме по предавањето на проектот во Министерството за култура изведбата на проектот да се предвиди и да започне во првата половина од 2021 година. Изведбата на проектот е планирано да оди во фази и е предвидено да ја спроведе Министерството за култура на Република Северна Македонија, вели Тодоровски. Архитектите предложиле најпрвин санацијата да почне од темели, гледалиштето, сцената. ам/мс/

Остани поврзан