• сабота, 23 ноември 2024

Забрзано се работи на отворањето на Штип сити мол

Забрзано се работи на отворањето на Штип сити мол

Штип, 14 октомври 2022 (МИА)Штип сити мол, првиот трговски центар во Штип, е во завршна фаза и наскоро ќе ги отвори вратите за сите посетители. Отворањето е најавено на 5 ноември, а денеска од страна на инвеститорот беше организирана прошетка низ центарот за претставниците на медиуми.

Проект-менаџерот на Штип сити мол, Гоце Југов, вели дека овој нов трговски центар на граѓаните, но и на градот Штип ќе им пружи квалитетно шопинг искуство по светски стандарди, место за забава и дружење, и ќе претставува вистинска регионална атракција и место за уживање на целото семејство. Меѓу бројните иновации кои ги има молот, значително е да се спомене дека Штип сити мол е и првиот трговски центар кој има своја фотонапонска централа која ќе задоволува дел од потребите на молот со што придонесува за поповолни услови за закупците.

- Овој шопинг-центар кој ќе биде најголем и најмодерен трговски центар во овој регион, претставува двигател на економијата и ќе има значителен допринос во економско-трговски развој на градот Штип и целиот источен регион, кој опфаќа повеќе од 250 000 жители. Од самиот почеток објектот интензивно се гради, и веќе е во завршна фаза, а инвестицијата досега изнесува 10,5 милиони евра и очекуваме да биде завршена со 12 милиони евра во предвидениот рок. Во изграбата на овој центар интензивно работат од 100 до 150 луѓе секојдневно, а по отворањето дополнително ќе придонесе и за околу 300 до 400 нови директни и индиректни вработувања, вели Југов.

Марија Портарска, архитект на Штип сити мол, вели дека трговскиот центар се простира на површина од 12.780м², со околу 30 закупци, распоредени на 5 нивоа, и е најголемиот и единствен од таков тип трговски центар во Источна Македонија.

Трговскиот центар ќе нуди голем број локални и светски познати брендови на едно место, богати забавни содржини, хотел, ресторан, кафуле, брза храна, текстил, козметика, игротека, книжарница, бела техника и многу повеќе.

Лоциран е на една од најатрактивните точки во градот Штип, на самиот негов влез, Штип сити мол, заедно со хотелот и аква паркот, ќе ја збогати понудата на забавни и шопинг-содржини, привлекувајќи огромен број посетители од сите возрасти, не само од регионот, туку и од целата држава. вдј/

Остани поврзан