• среда, 25 декември 2024

Жителите од велешки Тунел реагираа на одлуката да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот 

Жителите од велешки Тунел реагираа на одлуката да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот 

Велес, 4 април 2023(МИА) -Жителите на велешката населба Тунел денеска реагираа на одлуката  да се исклучи Мониторинг станицата 2 за мерење на квалитетот на воздухот. 

-Бидејќи изворот на загадување е премногу блиску до станицата, измерените концентрации не ја даваат релевантната слика за квалитетот на воздухот во Општина Велес. Поради тоа и поради заштита на инструментите од прекумерните концентрации на прашина, ќе бидат исклучени до завршувањето на градежните работи, се вели во соопштението на МЖСПП.

Од Министерството истовремено препорачаа граѓаните да преземаат мерки да се заштитат од правот, а на Општина Велес  ѝ порачаа „да преземе акција за побрзо да се заврши реконструкцијата на улицата, а во меѓу време да го задолжи изведувачот почесто да ја прска улицата со цел да биде постојано во влажна состојба“.

Катерина Николова од МЖСПП денеска за МИА информира дека Мониторинг  станица Велес 2 не е целосно исклучена, само мерните инструменти за мерење на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките и додаде дека се мерат останатите параметри на амбиенталниот воздух.

-Поради можност да се расипе осетливата мембрана на инструментот за мерење на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките поради превисоките концентрации на овие честички поради изведување на градежните работи, се исклучени од функција. Кога Општината ќе му  наложи на изведувачот на градежните работи почесто да ја прска улицата со цел истата да се наводени, тогаш и ние од МЖСПП повторно ќе ги вклучиме мерните инструменти за ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, појасни Николова.
 
Општина Велес поради високите концентрации на ПМ 10 честички измерени на 1 и 2 април 2023 година вчера преку соопштение до јавноста ги изнесе донесените  препораки до граѓаните за заштита на нивното здравје. Таа им порача да не користат прегреано отпадно масло за затоплување на домовите, пластика, отпадни и други синтетички материјали. Да не излегуваат надвор рано наутро и доцна навечер поради загадениот воздух, а автомобил да користат само во неопходни итни потреби и  да се преориентираат на јавен градски превоз.

Од Општина Велес, од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина соопштија дека доколку има надминување на прагот на алармирање во текот на два последователни дена над 150 микрограми на метар кубен воздух ќе бидат преземени и дополнителни мерки за што јавноста ќе биде информирана на време. ад/мд/

Фото: МИА 
 

 

 

 

Остани поврзан