• сабота, 23 ноември 2024

Жителите на штипското село Чардаклија приклучени на Филтер станицата

Жителите на штипското село Чардаклија приклучени на Филтер станицата
Штип, 18 Март 2021 (МИА) - Осумдесет домаќинства во штипското село Чардаклија од денеска се приклучени на Филтер станицата, со што добиваат чиста вода за пиење. Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов, кој денеска беше на увид, истакна дека со новата водоводна линија, која ја изгради комуналното претпријатие „Исар“ бенефит ќе имаат и стопанските капацитети во индустриските зони „Македонка“, „Балканска“ и објектите на  Витаминка и Лукоил. -Приградските населби Македонка, Балканска и село Чардаклија се делови на Штип, кои од формирањето користеа техничка вода и домаќинствата немаа пристап до чиста и здрава вода за пиење. Во населба Балканска според последниот попис има околу 600 жители, населба Македонка околу 570 и село Чардаклија околу 920 жители, изјави Николов. Посочи дека лани населбата Балканска е приклучена на водоводната мрежа, а од денеска и село Чардаклија. Вкупната инвестиција е  над 22 милиони денари  и е  на ЈП „Исар“ и на Општина Штип, а од Министерството за транспорт и врски се обезбедени над шест милиони денари за населбата Македонка. За оваа инвестиција се очекува деновиве да биде распишан тендер. Директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев истакна дека на Филтер станицата се приклучени веќе две населени места, кои користеа техничка вода од поранешниот систем на комбинатот „Македонка“.По реализацијата и на проектот во населбата Македонка, додаде, штипското комунално претпријатие ќе се насочи кон реконструкција на старата водоводна мрежа низ градот Штип, бидејќи има постојано дефекти низ системот. Очекува наскоро со средства од Владата да се реализира и водоводната линија два до бањата Кежовица.вдј/вј/

Остани поврзан