Жестоки борби во источна Украина, Русите напаѓаат се повеќе локации во Доњецк
- Украинскиот Генералштаб во својот редовен вечерен рапорт наведе дека „ситуацијата е најлоша во областа Покровское, иако непријателот беше активен и во правец на Лиман и Кураково“, пренесе Хина.
Киев, 7 јули 2024 (МИА) – На 12 локации во источна Украина продолжуваат тешки борби, соопштија синоќа во Киев украинските воени лидери.
Украинскиот Генералштаб во својот редовен вечерен рапорт наведе дека „ситуацијата е најлоша во областа Покровское, иако непријателот беше активен и во правец на Лиман и Кураково“, пренесе Хина.
Трите наведени града се наоѓаат во источниот украински регион Доњецк, каде во текот на денот се воделе 123 битки. Од нив, 41 се воделе само во областа Покровска, а 19 напади имало кај Лиман и 17 кај Кураково, се додава во извештајот на Генералштабот на украинската војска.
Според Генералштабот, во околината на Покровск се одбиени 29 напади, но 12 битки се уште траат, а бранителите прават се што можат за да ја стабилизираат ситуацијата и да спречат непријателот да навлезе на украинска територија.
Руското Министерство за одбрана вчера извести дека во оваа област е заземено селото Сокил.
Украинската војска соопшти дека повеќе од 180 руски војници биле убиени во областа Покровск. Покрај тоа, уништени се и неколку руски воени возила, но оваа информација не може да се потврди.
Во моментов не и се гледа крајот на војната. Меѓу другото, Путин сака Украина целосно да се откаже од териториите на Доњецк, Луганск, Херсон, Запорожје и Крим како услов за прекин на борбите. Киев инсистира на целосно повлекување на Русија од сите окупирани територии, вклучувајќи го и црноморскиот полуостров Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година. Путин во четвртокот повтори дека нема да прогласи примирје доколку Киев не ги исполни неговите предуслови.сд/
фото:ЕПА