• среда, 27 ноември 2024

Женската боречка репрезентација се подготвува во Кочани за учество на Балканското и Светското првенство У-20

Женската боречка репрезентација се подготвува во Кочани за учество на Балканското и Светското првенство У-20
Кочани, 1 август 2022 (МИА) – Македонската женска боречка репрезентација реализира четиридневен тренинг камп во Кочани, во рамки на подготовките за претстојното Балканско и за Светското првенство У-20 што во средината на овој месец ќе се одржи во Софија, Република Бугарија. Кампот е во организација на Федерацијата на боречки спортови, домаќин е боречкиот клуб „Спартак“ од Кочани, а на повикот на тренерот Чедо Николовски се јавија дваесетина девојчиња од шест клубови. -Целта на кампот е да ја подобриме тактичката и физичката подготвеност, јакнење на борбениот и пријателскиот дух, а работиме и на нови вештини во зафатите. Освен тренинзите во сала, реализираме и кондициски вежби со пливање, трчање и пешачење во природа. Очекуваме репрезентативката Марија Спирковска, која е во одлична форма и првпат ќе ја претставува нашата земја на Светско првенство во оваа возрасна категорија, да го повтори успехот од последното Европско првенство и да оствари пласман во врвот. Заедно со неа, сакаме да направиме тим од неколку девојчиња кои ќе учествуваат на Балканијадата, со надеж дека ќе се вратат и со медал. Мора да се каже дека имаме добри спортистки, а женското борење не заостанува многу зад машкото, истакна тренерот Николовски. Младата репрезентативка Марија Спирковска, членка на БК „Вардар“ од Скопје, е задоволна од условите и начинот на кој се работи на тренинг кампот, а од настапот на Светското првенство очекува добар резултат. -Во Кочани работиме напорно, а од средината на оваа недела подготовките ќе ги продолжам во Бугарија, каде ќе останам до почетокот на Светското првенство. Очекувам добра жрепка и поволни противнички, за да се претставам во што подобро светло. Крајна цел и желба ми е еден ден да ја постигнам потребната норма за учество на Олимписките игри, па се надевам дека со напорните тренинзи и добри борби ќе успеам во тоа. Досега борењето кај нас се сметаше за машки спорт, но се надевам дека со моите успеси, како и со постигањата на моите репрезентативни другарки, ќе го подигнеме нивото на женското борење во државата, истакна Спирковска. На тренингот кампот во Кочани учествуваат и Марија Цветанова и Анабела Данилова кои ја претставуваа македонската женска репрезентација на Европското првенство У-17 во Романија и на Светското првенство У-17 во Италија. та/мд/

Остани поврзан