• четврток, 13 ноември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕУ се договори со Израел за проширување на испораките на хуманитарна помош во Газа

ЕУ се договори со Израел за проширување на испораките на хуманитарна помош во Газа

 

Брисел, 10 јули 2025 (МИА) - Европската Унија постигна договор со Израел за проширување на испораката на хуманитарна помош во Газа, објави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Калас напиша на „X“ дека ќе бидат отворени повеќе влезови во Газа и дека ќе влезат повеќе камиони со помош и храна.

Таа додаде дека очекува Израел да ги спроведе сите договорени мерки, кои треба да стапат во сила „во наредните денови“.

Беше договорено дека ќе се поправи виталната инфраструктура и дека хуманитарните работници ќе бидат заштитени. Се предвидува дека патиштата преку кои се доставува помош од Јордан и Египет, исто така, ќе бидат повторно отворени, а прехранбените производи ќе се дистрибуираат преку пекари и народни кујни низ целиот Појас Газа, се вели во текстот.

Испораката на гориво до хуманитарните организации ќе продолжи, „до оперативно ниво“.

Во наредните денови, Калас треба да им достави на земјите-членки на ЕУ список на можни мерки што треба да се преземат по одлуката за преиспитување на Договорот за асоцијација меѓу Израел и ЕУ.

Во извештајот на Европската комисија до министрите за надворешни работи од крајот на јуни се оценува дека Израел го прекршил Член 2 од договорот - за почитување на човековите права.

Затоа, некои земји од ЕУ побараа барем делумно суспендирање на Договорот за асоцијација со Израел, иако неколку земји се спротивставија на ова. мс/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан