• вторник, 26 ноември 2024

ЕУ промовира план за привлекување на странски работници 

ЕУ промовира план за привлекување на странски работници 

Брисел, 15 ноември 2023 (МИА) – Европската комисија презентира пакет иницијативи за привлекување на стручно оспособени работници од странство и да ја олесни нивната мобилност во рамка на ЕУ, наречен „Мобилност на вештини и таленти“, поттикната од недостигот на стручна работна сила во повеќе сектори во земјите членки на Унијата, јави дописникот на МИА од Брисел. 

- Ова е прва досега ваква рамка за поттикнување на мобилноста во Европа. Причините за неа се познати. Мора нешто да се направи со недостигот на стручна работна сила на нашиот пазар на трудот, кој е загрижувачки и ендемичен. Почетна основа за дискусијата беше: „Брисел имаме проблем“, изјави потпретседателот на Европската комисија за промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Схинас промовирајќи го планот.

Како што изјави Схинас, мерките имаат за цел да го олеснат поврзувањето на работодавците во ЕУ со лицата од трети земји кои бараат работа, како и да го промовира признавањето на нивните квалификации и да ја поттикне нивната мобилност.  

Тој нагласи дека Комисијата предлага да се формира „Базен за таленти на ЕУ“, за да се олесни регрутирањето на баратели на работа од земји кои не се членки на ЕУ во професии од кои има недостиг на ниво на ЕУ. Со оваа платформа треба да се олесни и забрзува меѓународното регрутирање, за да им се помогне на работодавците да пристапат до поширок фонд на стручни работници и таленти.  

Потпретседателот на ЕК потенцира дека не станува збор за задолжителна регулатива, туку за учеството во фондот за таленти на ЕУ ќе биде доброволно за земјите членки, кои ќе го поддржат управувањето со платформата. Исто така, платформата ќе обезбеди информации за процедурите за регрутирање и миграција во земјите-членки и вклучува силни заштитни мерки за да се обезбеди фер регрутирање и работни услови. 

Схинас истакна дека во ЕУ има многу бирократски процедури за ангажирање на странска работна сила, што доведува до „одлив на работници“, па затоа со новата иницијатива треба да се подностави постапката за ангажирање работници од странство. 

Според него, ова е програма што нуди помош за бизнисот во Европа и во исто време претставува алтернатива на она што го нудат популистите како решение за проблемот со миграцијата.  

Обидите на ЕУ да го надомести недостигот на работна сила започнуваат од дома со жестоки напори за усовршување, доусовршување и користење на неискористениот потенцијал на домашната работна сила во корист на единствениот пазар, но за да се реши недостигот со кој се соочуваат земјите членки потребно е привлекување на стручно оспособени работници и таленти од целиот свет. Според Еврокомисијата, со цел овој пристап да биде успешен, ЕУ мора да биде способна да ги привлече овие работници, но и да ги задржи.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон истакна дека во услови кога ЕУ се соочува со недостиг на седум милиони работници, развојот на соработката со партнери од трети земји за привлекување на мигранти-работници, исто така, може да биде од взаемна добивка, преку повратната финансиска поддршка во економиите на земјите на нивното потекло. 

- „Базенот за таленти на ЕУ“ дополнително ќе ја поддржи имплементацијата на програмата „Партнерство за таленти“ наменета за земји кои не се членки на ЕУ и која треба да обезбеди мобилност за работа или обука, рече Јохансон. 

Според планот, лицата кои бараат на работа, а кои ги изградиле своите вештини во рамките на „Партнерството за таленти“, ќе добијат сертификат што ги потврдува нивните квалификации.  

- Може да се очекува дека можностите за легална миграција ќе ја дестимулираат нерегуларната миграција и мора да одат рака под рака со зајакната соработка за соработката за реадмисија, додаде Јохансон. 

Олеснувањето на признавањето на квалификациите и валидацијата на вештините стекнати во земјите кои не се членки на ЕУ, ќе им овозможува на работодавците да најдат квалификувани работници, а на државјаните на трети земји кои бараат работа - пристап до пазарот на трудот во ЕУ, како и нивна интеграција. 

Комисијата препорачува збир на мерки за поедноставување и забрзување на признавањето на образованието и квалификациите на државјаните на трети земји, преку модернизација на сегашниот систем.  

Според Схинас, целта е да се зголеми капацитетот на националните органи за признавање на образованието и да се поедностават и забрзаат процедурите преку подобрување на споредливоста на квалификациите од трети земји и за проценка на вештините на барателите на работа. Ова треба да овозможи брзо и со сигурност да се донесат одлуки за признавање за да се пополнат празните места во професиите со недостиг на ЕУ, особено во приоритетните регулирани професии. 

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова се осврна на предложената мерка „Европа во движење – можности за мобилност за учење за секого“, чија цел е да ја поттикне мобилноста во сите области на образование и обука.  

Таа нагласи дека ЕК ги повикува земјите-членки да ја направат мобилноста на учењето во ЕУ интегрален дел од образованието и обуката - од училишното и стручното образование и обука, преку стажирањето, па се до високото образование и обуката на возрасни. 

- Комисијата предлага да се постават нови амбициозни цели за 2030 година: зголемување на уделот на практичната настава на најмалку 25 отсто за дипломираните студенти, најмалку 20 проценти за ученици со пониско ниво на образование. Предлогот, исто така, ја промовира атрактивноста на ЕУ како дестинација за учење за таленти од трети земји, во согласност со геополитичката димензија на Европската образовна област, рече Иванова. 

Предлогот вклучува и обврска на Комисијата да ги следи и да ги поддржува земјите членки во развојот на национални акциски планови за конкретна имплементација на целите. сп/

Фото: ЕБС/МИА Архива

Остани поврзан