• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ го забрани името „Пабло Ескобар“ како трговска марка

ЕУ го забрани името „Пабло Ескобар“ како трговска марка

Брисел, 18 април 2024 (МИА) - Судот на правдата на Европската унија го отфрли барањето за регистрирање на името „Пабло Ескобар“ како трговска марка, бидејќи тој назив се поистоветува со дрога и организиран криминал.

Порториканска компанија поврзана со семејството на Ескобар поднесе барање во септември 2021 година да го регистрира името на озлогласениот колумбиски наркобос како заштитен знак за своите стоки и услуги во ЕУ. Во меѓувреме, и Канцеларијата за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) одби да ја прифати регистрацијата на брендот, затоа што „за европската јавност тоа е спротивно на вредностите на ЕУ“, се вели во образложението.

„ЕУИПО го одби барањето за регистрација со образложение дека ознаката е спротивна на јавната политика и ги прифати моралните принципи“, се вели во соопштението на Судот, и се додава дека ЕУИПО се потпира на „гледиштето на шпанската јавност каде што Ескобар е најпознат поради поврзаноста меѓу Шпанија и Колумбија“. 

Според барателите, пак, имињата како Бони и Клајд, Ал Капоне и Че Гевара веќе се регистрирани како заштитен знак во ЕУ, па следствено - и за „Пабло Ескобар, кој поради неговите многубројни добри дела за сиромашните во Колумбија, стана митска фигура во мејнстрим популарната култура“, треба да важи истото. Аргумент повеќе е тоа што Ескобар не е судски осуден криминалец.

Според Судот, „фундаменталното право на презумпција на невиност на Пабло Ескобар не е повредено бидејќи, иако тој никогаш не бил кривично осуден, во Шпанија јавноста го доживува како симбол на организираниот криминал и бројни злосторства“.

Ескобар, убиен во 1993 година, беше сметан за водач на озлогласениот картел во Меделин и со десетлетија важеше за еден од водечките и најбогати криумчари на кокаин во светот.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан