• петок, 08 ноември 2024

ЕУ воведе санкции кон уште 28 лица за поврзаност со репресијата во Белорусија 

ЕУ воведе санкции кон уште 28 лица за поврзаност со репресијата во Белорусија 

Брисел, 5 август 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлука да воведе рестриктивни мерки за уште 28 лица поради нивната улога во внатрешната репресија и кршењето на човековите права во Белорусија. 

Со новите санкции се опфатени двајца заменици началници на Главниот сектор за борба против организиран криминал и корупција (ХУБАЗИК) при белоруското Министерство за внатрешни работи, повеќе судии и обвинители, раководители на затвори, како и неколкумина истакнати поддржувачи на режимот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко. 

Според ЕУ, ХУБАЗИК е едно од главните тела одговорни за политички прогон во Белорусија, вклучително и за произволни и незаконски апсења, за малтретирања и за тортура на опозициски активисти и претставници на граѓанското општество. 

Судиите и обвинителите додадени на листата на санкционирани биле дел од судски процеси во кои се изречени политички мотивирани казни, вклучително и против учесници во протестите поради недемократските претседателски избори во 2020 година или против лица кои само едноставно го искажале своето мислење против режимот на Лукашенко.  

Понатаму, рестриктивни мерки се воведени и кон раководителите на неколку воспитно-поправни установи, вклучително и на еден истражен затвор. 

На листата на санкционирани се вклучени и генералната директорка на најголемата државна новинска агенција Белоруската телеграфска агенција (БелТА), Ирина Акулович, водителот на емисијата „Сенат“ на телевизијата СТВ и претседател на Младинскиот совет во Националното собрание на Белорусија, Микита Рахилуски, како и поранешниот шеф на Прес-службата на Лукашенко и долгогодишен генерален директор на БелТА, Дмитри Жук. Тројцата се сметаат за долгогодишни поддржувачи на Лукашенко, за што имале и лична корист од режимот. 

- Овие режимски пропагандисти на белоруската јавност доброволно и даваат лажни информации за репресијата вршена од државните власти, шират дезинформации фабрикувани од белоруските и од руските власти и промовираат омраза кон демократската опозиција и граѓанското општество, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ. 

Со новододадените на листата на ЕУ на оние кон кои се воведени рестриктивните мерки поради состојбата во Белорусија сега се наоѓаат 261 поединец и 37 ентитети. 

На санкционираните им е замрзнат имотот во ЕУ, а на граѓани и правни субјекти од Унијата им е забрането да им ставаат на располагање финансиски или други средства. Дополнително, на физичките лица опфатени со режимот на санкции им е забранет влез или транзит низ територијата на ЕУ. 

Денешните санкции се воведени во пресрет на четвртата годишнина од белоруските претседателски избори во август 2020 година.  

Европскиот совет во своите заклучоци усвоени на 19 февруари годинава изрази „длабока загриженост“ за влошената состојба со почитувањето на човековите права во Белорусија и „остро ги осуди континуираните кампањи за прогон и заплашување на сите сегменти на белоруското општество од страна на режимот“.  

Советот изрази и жалење што политичките затвореници остануваат затворени во ужасни услови, изложени на тортура и малтретирање, без пристап до основните здравствени услуги и што многу од нив се држени во затвор долг временски период без контакт со нивните адвокати и роднини.  

- ЕУ ги повикува белоруските власти веднаш и безусловно да ги ослободат сите политички затвореници и да ја укинат смртната казна. Советот, исто така, остро го осуди невиденото ниво на репресија и ограничувањата на политичкото учество пред парламентарните и локалните избори што се одржаа на 25 февруари 2024 година, се истакнува во соопштението. 

Ден по овие избори, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ги осуди, како што рече, „невиденото ниво на репресија, кршењето на човековите права, ограничувањата на политичкото учество и пристапот до независни медиуми“ во Белорусија. Тој додаде и дека функционерите избрани на овие избори во Белорусија немаат демократски легитимитет, бидејќи не се исполнети условите за слободен и фер изборен процес. 

- ЕУ стои зад народот на Белорусија и непоколебливо го поддржува стремежот на белорускиот народ за слободна, демократска, суверена и независна Белорусија, како дел од мирна Европа, се додава во соопштението. 

Од изборите во август 2020 година, ЕУ воведе неколку последователни пакети на санкции против одговорните за внатрешната репресија и кршењето на човековите права во Белорусија, како и поради вмешаноста на Минск во руската агресија против Украина.

- Со овие мерки, ЕУ им сигнализира на одговорните политички и економски актери дека нивните постапки и поддршка за режимот и за Русија имаат цена, се заклучува во соопштението на Советот на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан