• вторник, 24 декември 2024

„Еуроњуз“: Дали Северна Македонија ќе може да се откаже од јагленот? 

„Еуроњуз“: Дали Северна Македонија ќе може да се откаже од јагленот? 

Брисел, 9 декември 2023 (МИА) - Северна Македонија има околу 280 сончеви денови во текот на годината, со што идејата за постепеното исфрлање на јагленот од употреба наликува на лесна задача, но како последица на енергетската криза во моментов се случуваат спротивни тенденции - старите електрани на јаглен ослободуваат огромни количества на токсични емисии во воздухот, а дури се отвораат нови рудници за лигнит, наведува „Еуроњуз“ во текст посветен на транзицијата кон зелена енергија во земјава. 

Авторот на написот посочува дека и покрај ветувањата дека ќе стане првата „држава без јаглен“ на Западниот Балкан, земјава во неколку наврати го одлага рокот за затворање на електраните на јаглен.  

Според „Еуроњуз“, дури 47 отсто од електричната енергија во земјата се произведува од лигнит, при што активни се две термоцентрали „РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“. 

Директор на „РЕК Битола“, Пеце Матевски за „Еурактив“ вели дека покрај постојните ископи за јаглен во близина на електраната, се очекува отворање на уште еден рудник.  

-Наскоро ќе го отвориме „Живојно“. Во следните 30 години ќе имаме доволно јаглен за работа и функционирање на електраната, додава Матевски. 

Во текстот се посочува дека првично земјава планираше целосно исфрлање на јагленот од употреба до 2027 година, но енергетската криза ги промени плановите и сега рокот за остварување на оваа цел е продолжен до 2030 година. 

Активистката за енергетска трансформација во невладината организација „ЦЕЕ Бенквоч“, Невена Смилевска оценува дека натамошното одлагање на оваа транзиција би може да има влијание врз пристапувањето на земјата во Европската Унија. 

-Датумот за затворање треба да остане 2030 година. Малку е веројатно дека ќе ни биде дозволено да го игнорираме Европскиот зелен договор, вели Смилевска за „Еуроњуз“. 

Според неа, земјата ќе мора да ги затвори електраните на јаглен пред зачленувањето во ЕУ. 

-Нема логика да добиете грант за „Праведна транзиција“ за ослободување од јагленот и да отворате нов рудник за јаглен. Ова е неприфатливо и целосно ќе ја уништи стратегијата за откажување на јагленот, смета Смилевска. 

Според „Еуроњуз“, резервите на лигнит на земјата се при крај, па таа ќе мора да увезува јаглен од соседните земји.  

-Силното потпирање на фосилните горива не го подобрува квалитетот на воздухот. Во 2022 година, електраната на јаглен во Битола имаше најголеми емисии на сулфур диоксид и прашина во регионот на Западниот Балкан. Ослободени се 111.000 тони сулфур диоксид - 17 пати повеќе од дозволеното, се наведува во текстот. 

Авторот на написот посочува дека земјава со просек од 280 сончеви денови во годината има идеални услови за производство на сончева енергија, па така во најстарата електрана на јаглен „РЕК Осломеј“, што се наоѓа на 120 километри од Скопје, начинот на производство на струја треба да се промени со изградбата на соларната централа над отворениот коп за лигнит. Сепак, фотоволтаичната централа чека година и половина за да почне да ја напојува мрежата со електрична енергија. 

-Се уште чекаме некои дозволи од надлежните, вели директорот на фотоволтаичната централа Чедомир Арсовски за „Еуроњуз“. 

Во текстот натаму се наведува дека договорот постигнат на Самитот за климата - КОП28 во Дубаи, сепак би можел да ја забрза енергетската транзиција на Северна Македонија, во услови кога меѓународните кредитори најавија дека ќе финансираат план од три милијарди евра за целосно затворање на електраните на јаглен во земјата до 2030 година и нивна замена со соларни, хидро, ветерни и гасни централи. 

-Целта е да се обезбеди „Праведна транзиција“, со производство на 1,7 гигавати обновлива енергија и со мултиплицирање на капацитетите за складирање енергија, додека се надградуваат мрежните врски. Дали овој пат ќе се постигне зелената амбиција на Северна Македонија? Ако земјата успее да се ослободи од јагленот до 2030 година, тоа би можело да биде пример за целиот регион на Западниот Балкан, но и за некои членки на ЕУ, се заклучува во текстот. сп/вј/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан