• сабота, 23 ноември 2024

ЕСМ: Субвенции за топлинска енергија за домаќинствата и оваа грејна сезона

ЕСМ: Субвенции за топлинска енергија за домаќинствата и оваа грејна сезона

Скопје, 29 февруари 2024 (МИА) - ЕСМ Снабдување со топлина денеска преку соопштение информира дека субвенции на цената на топлинска енергија за домаќинствата ќе има и оваа грејна сезона.

- Фактурите за топлинска енергија за грејна сезона 2023/2024, кои ќе се испорачуваат до потрошувачите од категоријата домаќинства во следниот период, а се однесуваат на месеците јануари, фавруари, март и април ќе ја вклучуват мерката за субвенционирање на цената на топлинската енергија. Субвенциите кои се однесуваат на месеците октомври, ноември и декември, ќе бидат вкалкулирани и ќе го намалат износот на потрошениот реален надоместок за грејната сезона, се наведува во соопштението.

Од ЕСМ снабдување со топлина појаснуваат дека финансиската поддршка за секој потрошувач е прикажана во фактурата за секој месец пооделно и дека оваа поддршка ќе обезбеди намалување на израмнителните сметки во мај, јуни и јули, кога потрошувачите треба да го почувствуваат бенефитот од мерката.

- Потрошувачите во периодот август-април добиваат авансни сметки-фактури, а разликата на количината на испорачана топлинска енергија до потрошувачите (што е регистрирана на мерилата во топлинските станици) од прогнозираната во авансните фактури, ќе биде израмнета во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување. Во текот на целата година, во своите сметки на задната страна добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, колкава е ангажираната моќност и колкава е разликата помеѓу реалниот и надоместокот кој потрошувачите го авансирале со авансните фактури, се вели во соопштението.

Инаку, денеска Регулаторната комисија за енергетика на прес-конференција објави дека за 35 проценти се намалува цената на парно греење за деловните корисници на град Скопје. Причината за ваквата одлука, како што беше соопштено, е поради намалувањето на цената на природниот гас на светските берзи.

- Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои, пак, во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки за разлика од домаќинствата, кои во цел овој изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски. бак/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан