• сабота, 23 ноември 2024

ЕСМ Снабдување со топлина: Најголем дел од потрошувачите ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење

ЕСМ Снабдување со топлина: Најголем дел од потрошувачите ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење

Скопје, 8 јуни 2023 (МИА) - Најголем дел од потрошувачите приклучени на централното греење во Град Скопје, кои ги плаќаат фактурите на 8 и 12 месечни рати, дури 97 отсто, оваа грејна сезона ќе добијат пониски порамнителни фактури за греење споредено со авансните фактури, информираат од ЕСМ Снабдување со топлина. 

Причина за тоа, како што посочуваат, се значително повисоките просечни надворешни температури од прогнозираните во текот на грејната сезона, која почна на 15 октомври 2022 година, а заврши на 28 април 2023 година. 

-Сепак, висината на порамнителните фактури е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и од количината на испорачана топлинска енергија до објектот, велат од ЕСМ Снабдување со топлина.

Нагласуваат дека потрошувачите, во текот на грејната сезона, во фактурите за топлинска енергија добиваат податок колку енергија потрошиле, како и за износот на разликата меѓу потрошената и прогнозираната топлинска енергија. 

-Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошена повеќе топлинска енергија отколку што авансно е пресметана, тогаш разликата се распределува на три еднакви рати и соодветно се фактурира во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако, пак, потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш може да побара поврат на разликата доколку нема заостанати долгови, прецизираат од ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје.вј/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан