• сабота, 21 декември 2024

ЕСМ бара доволни количини гас за вклучување во режим на работа и на приватната гасна централа ТЕ-ТО

ЕСМ бара доволни количини гас за вклучување во режим на работа и на приватната гасна централа ТЕ-ТО
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) – Имаме потреба од природен гас кој ќе биде со пониска цена што ќе биде прифатлива за производство на топлинска и на електрична енергија без разлика од каде доаѓа, порача вечерва генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски. Тој посочи дека најголем дел од природниот гас што се уште се испорачува во Европа доаѓа од Русија. Како држава, потенцира, сме ограничени само на еден извор на гас – од Русија преку интерконекторот со Бугарија. Во моментов, како што кажа, се прават напори да се ослободат дополнителни количини во гасоводот со Бугарија, за што е потпишан договор, преку кои ќе се обезбедат доволни количини, но и конкурентност во делот на испораката на природен гас. -ЕСМ ги очекува понудите за обезбедување на природен гас за топланите Исток и Запад кои веќе ги имаме во закуп и евентуално Скопје Север доколку склучиме договор, но исто така бараме и предвидени количини за вклучување во режим на работа на приватната гасна централа ТЕ-ТО, рече Ковачевски во емисијата Трилинг на ТВ 24. Тој додаде дека вкупно количини што се бараат за шест месеци, односно од 1 ноември до 30 април се околу 225 милиони нормални кубни метри природен гас кои, како што кажа, се доволни за производство на топлинска и на електрична енергија, односно се доволни за работа и на топланите и на ТЕ-ТО. Вети дека понудите ќе бидат објавени јавно веднаш откако ќе стигнат при што ќе се направи споредба на моменталните цени на берзата со понудените цени. -Претходно донесовме одлука да набавиме природен гас само за првите 15 дена од грејната сезона затоа што цените во октомври веќе имаа надолна линија на берзите. Доколку склучевме договор пред месец дена или порано цените беа двојно или тројно повисоки од сегашните со што ќе направевме штетен договор и ќе го оштетевме буџетот на државата и на компанијата за повеќе милиони евра, посочи Ковачевски. ЕСМ, додаде, ќе се вклучи и во делот на обезбедување на поевтина електрична енергија за бизнис секторот. - Во текот на наредната недела ќе доставиме информација до Влада да може да се стави во функција домашниот капацитет ТЕ-ТО и да обезбедиме природен гас за негова работа. Токму затоа ги правиме сите напори да се обезбедат квалитетни понуди на природен гас со доволни количини и ниска цена за да може преку ТЕ-ТО да ги обезбедиме количините кои се потребни. Како компанија имаме обврска да испорачаме 100 проценти кон универзалниот снабдувач ЕВН хоум и да ги снабдиме техничките загуби во системот на ЕВН дистрибуција и во преносниот систем на МЕПСО. Презедовме обврска да ги снабдуваме и здравствените институции, училиштата, градинките, дел од јавните институции. Со вклучувањето на ТЕ-ТО и ТЕЦ Неготино преземаме обврска да се обезбедат и дополнителни количини на електрична енергија кои по некоја стабилна и разумна цена треба да им се понудат на стопанството и на бизнис секторот кои се на отворениот пазар за  колку - толку да се ублажи ценовниот удар на нивните производи или услуги во делот на електричната енергија, прецизира Ковачевски. Нагласи дека смета оти најголемиот капаците во земјава за производство на електрична енергија, РЕК Битола, е подготвен да го издржи товарот на енергетската криза во текот на грејната сезона.вј/лв/

Остани поврзан